Усвоен буџетот на Град Скопје, власта и опозицијата се обвинуваат за нови коалициски игри

По бројните расправии и стотиците поднесени амандмани 28 советници дадоа зелено светло за изгласување на буџетот на Град Скопје за наредната година вреден 114 милиони евра. Основниот буџет на главниот град ќе биде 72 милиони евра, дотациите од централната власт ќе бидат во висина од 33 милиони евра, од самофинансирачки активности обезбедени ќе бидат 5,7 милиони евра, а од донации 2,5 милиони евра.

По маратонските седници и власта и опозицијата со обвинувања кој бил виновен за хаосот кој владее во главниот град.

Советниците на ВМРО ДПМНЕ обвинуваат дека СДСМ и ДУИ не дозволиле да биде изгласан ниту еден од нивните предложени амандмани кои требало да значат и модернизирање на Скопје.

– Со усогласена кореографија и партнерство на СДС/ДУИ и Левица, сите амандмани на СДС при расправата за градскиот буџет, во согласност со Арсовска беа прифатени или беа повлечени од СДС. Ниту еден амандман предложен од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија не беше прифатен од страна на градот Скопје и новата коалиција СДС/ДУИ и Левица со Данела Арсовска. Се отфрли инвестиции во капитални инфраструктурни проекти, градба на улици, булевари, велат до ВМРО-ДПМНЕ.

За СДСМ вината за немањето инфраструктурни проекти, за хаосот во јавниот превоз и конкретни чекори за справување со загадениот воздух била кај ВМРО ДПМНЕ и Левица.

– Тоа што нема ниту еден реализиран проект, што сите капитални проекти од витално значење за Скопје стојат цела една година е поради ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција со Арсовска и Левица. СДСМ останува на страната на граѓаните, како опозиција и во Советот ќе продолжи жестоко да се противи на погрешните политики на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, велат до СДСМ.

За Градот донесен бил развоен буџет со социјална компонента и со мерки за домаќинско и штедливо работење на градот.