Усвоен финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика за 2014

Собранието на Република Македонија во попладневниот дел од денешната работа по дневниот ред на 80-тата седница ја донесе одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Согласно одлуката, за финансирање на РКЕ ќе се одвојуваат по 0,043 отсто од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности. Лани овој процент изнесуваше 0,037 проценти.Собранието го усвои и финансискиот план на РКЕ за 2014 година.

Претходно претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Димитар Петров посочи дека во 2014 година РКЕ има зголемување на расходите зашто се планираат нови вработувања во тековната година.

„Останатите трошоци се исти како и во 2013 година,“ појасни Петров.

Во реплика пратеникот Реџаил Исмаили од ДУИ побара да се почитува правичната застапеност во РКЕ, на што Петров одговори дека овој принцип се почитува во Комисијата и додаде дека околу 28 отсто од вработените се од помалите етнички заедници.

Пратеникот Јани Макрадули од СДСМ во своето обраќање рече дека РКЕ не е е независно тело. Обвини дека Комисијата не ги штити граѓаните и воопшто не води сметка за загадувањето во Скопје, како и дека не контролира дали топланите греат на мазут или на гас.

Петров потенцираше дека веќе ниту една топлана во Скопје не користи мазут за затоплување, туку сите работат на природен гас кој најмалку ја загадува животната средина.

Собранието без расправа ја донесе и Националната стратегија за заштита и спасување на Република Македониа за периодот од 2014 до 2018 година.