Усвоена преговарчката рамка за Македонија, јазикот е македонски

Тв 24 дојде до документот на Европската Комисија кој засега е само предлог – преговарачка рамка и преминува во рацете на земјите членки на ЕУ. Договорите со Бугарија и Грција се дел од рамката, а македонскиот јазик се промовира во иден официјален јазик на ЕУ.

Според овој предлог – текст на ЕК, македонскиот јазик е напишан без никакви дополнителни објаснувања или фусноти, што се смета за директна последица на затворањето на прашањето за македонскиот јазик со Преспанскиот Договор. Таму пишува –

  • Северна Македонија ќе треба да го преведе заедничкото европско право (acquis) на македонски (Macedonian) доволно време пред зачленувањето.

Од друга страна, обврзувачко е спроведувањето на Договорите со Бугарија и Грција и секој обид да се ревидираат или да не се почитуваат ќе значи враќање назад и блокада од страна на ЕУ.

Точка 4 од предлог преговарачката рамка :

„Процесот за стабилизација и асоцијација, останува заедничка рамка за односите со Западен Балкан до нивното пристапување, а особено посветеноста на Северна Македонија за добрососедските односи и важноста за постигнување на опипливи резултати и спроведување на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија преку добра волја.“

Овие меѓународни договори не се ставени во посебно поглавје туку заедно со Копенхашките критерируми и со обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, кои што ќе бидат како основни предуслови на кои ќе се дефинира целиот преговарачки процес.

Преговорите се поделени во 6 кластери, а ќе започнат со кластерот фундаменти, каде покрај клучните поглавја 23 и 24 сега се додадени економските критериуми, јавните набавки, функционалност на демократските институции и реформата на јавната администрација. Овој кластер се отвора прв, а се затвора последен.

Многу важни делови се суспензивната клаузула, клаузулата за дисбаланс и реверзибилноста. Секоја земја членка во иднина ќе може да не блокира и враќа назад или да отвора веќе затворени поглавја.

Точка 15 од предлог-преговарачката рамка:

„Во случај на сериозно и упорно кршење на вредностите врз кои е основана Унијата, Комисијата може, на своја иницијатива или по соодветно барање на земја-членка, да препорача прекинување на преговорите и да предложи услови за евентуално продолжување. Советот ја носи крајната одлука со обратно квалификувано мнозинство за таквата препорака, откако ќе ја слушне и позицијата на преговарачот Северна Македонија.“

„Останува на германското претседавање со ЕУ и на државните членки да го разгледаат документот, евентуално да ја усвојат преговарачката рамка. Веднаш штом биде усвоен истиот ќе биде објавен, следува да седнеме на маса и формално да ги почнеме пристапните преговори за членство на земјата.“ – изјави Самуел Жбогар евроамбасадор.

Секоја од 27те членки во наредниот период може да даде свои забелешки, а вообичаено процесот трае околу 3 месеци. Доколку се усвои наесен, преговорите или првата меѓувладина конференција може да се случи пред крајот на годината или со завршуввањето на германското претседателство.

Инаку, откако Комисијата ја усвои предлог преговарачката рамка, вчера прв на твитер се обрати еврокомесарот Оливер Вархеи и им посака успех на Македонија и Албанија.