Јутјуберот Лазаров се извини за спорното интервју: Не го дослушав Латас, се извинувам што тоа се емитуваше

Јутјуберот Стефан Лазаров јавно се извини во ново видео на својот канал за изнесените ставови во интервју со новинарот Драган Павловиќ Латас, коишто предизвикаа јавна осуда и институционални реакции од органите на прогонот. Тој рече дека не успеал убаво да го дослуша соговорникот и уште рече дека хајката во јавноста е организирана за тој да биде „уништен“.

– Латас е човек кој многу го почитувам и има добра, интересна животна приказна и затоа се одлучив да биде прв гостин. Концептот беше да се зборува за табу теми и за работи кои на телевизија не можеме да ги чуеме. Се согласувам со вас, во право сте, и затоа сакам да се извинам за тоа што го слушнавте, а јас како домаќин дозволив тоа да се емитува. Дали станува збор за силување или не, тоа ќе го оставам на вас, но сакам да се извинам зашто се добива слика дека кај мене се промовираат такви работи – рече водителот Лазаров.

Тој вели дека било жално што станува збор за оркестрирана хајка за која се гледа дека има сериозна заднина.

– Видеото го тргнав зашто сметам дека таква содржина не смее да има на мојот канал. Многу од вас ми пишаа, тргни го, така ќе покажеш дека имаш морални вредности. Вчера беше поентата да се уништи Стефан за да се затскријат други работи. Јасно ми е дека многу луѓе сакаат да ми наштетат, јас сум млад, многу неискусен за вакви работи. Во моментот со Латас јас не дослушнав што сакаше да каже, се насмевнав едноставно – објасни Лазаров.

Тој им се извини и на своите спонзори, кои ги повлекоа содржините од неговиот јутјуб-канал, за што изрази разбирање.