Утеха за грешните, а вие праведните уживајте во тулумбите

Секојдневицата е преполна со убави и „шарени“ работи кои животот го прават убав. Кога има нешто лошо не сакаме да ни е пред очи. Секако дека немаме лоша намера… но, само да не ти е пред очи. И така, кога е некој болен, тешко болен, е во болница, кога е луд во лудница, кога ќе направи злосторство, лошиот човек го пикаме во затвор. Така функционираме, во други времиња и поинаку било, но засега ова е најдобриот начин за човештвото да функционира. (!?!?)

Градот, улиците, плоштадите се наменети за здравите и се’ што не е такво не сакаме да ни е пред видокруг. Свеста за смртноста, свеста за гревот, ја запретуваме некаде длабоко и сакаме да глумиме дека овде, создаваме рајска градина, во која живееме вечно, а ние заслужено чисти, ем вечни во неа. Никој не мисли баш така, би било сулудо, нели, но така се однесуваме. Никој не сака да види дека овој убав свет во суштина е болен свет, дека го јаде забот на времето, трулежот на минливоста и р’ѓата на помислата и најмалку што можеме да сториме е да го бојосуваме светот колку за да ни остане чувство дека и натаму нашиот мал, измислен рај е постојан… а, и поубав. Но за жал не е, но сакаме да се лажеме…

Видете ги болниците и болните во нив, ќе видите колку е здрав овој свет, видете ги гробиштата преполни за подјаден камен, бесконечни низови на луѓе во црно, без утеха, ете ви го светот. Тоа е сликата која е реална. Но, таа слика не е слика на она што Бог го создал, сликата на овој свет е одраз во огледало на она што сме ние во душата. Гневни, огорчени, луѓе во некаков јаден обид да се испрепелкаме од гревот во кој сме зацапани до гуша. Како можеме да очекуваме овој свет да даде божественои плодови кога чемер сме во срцата? Каде ни е подвигот на добрината? Каде ни е образот Божји по кој сме создадени? Љубовта?! Ја даваме само ако ставиме на вега, ако ме сакаш – те сакам, ако не и јас не … каква е таа извитоперена љубов.

Тоа е пазар!

Сето тоа е убаво прикрено со шминка и црни наочари, лажниот мир надополнет со разни средства за смирување, легални, нелегални, алкохол, тутун, се ќе побараме само вистинскиот лек нема да го земеме. Кога е криза и мака, кога е тешко, кога немаш здив и се давиш не можејќи ни за помош да викнеш, а лежиш во постела со својот сопатник кој во сон поим нема што ти е, и кога си сам со ужасот на реалноста која те обзема, немаш контрола ни врз себе, ни врз својата околина… кого тогаш да повикаш на помош?

Нема човек на светов, нема свештеник, нема добра и света душа која може да утеши мајка која загубила дете, никој не може. Никој не може да сочувстсвува со загубата на мајка ниту да ја сподели таа болка со неа. Само можеш да наведнеш глава и молчиш голтајќи ги солзите во себе и давеејќи ги своето срце и умот во пеколот, но немојте да очајувате. Очајот е само темен празен простор на ништожност кој може само надежта да го исполни. Надежта во спасот, асптрактен поим кој не ни сакате да го откриете, затоа што тогаш ќе дознаете кои сте навистина.

Но како во толкава поплава од солзи и лелек не се распадне светов? Зошто универзумот сеуште егзистира? Не е природно толкава болка да биде постојано присутна, не треба, не сакам да ја има, па сепак, секојдневица  е.

Смртта е неприродна појава!

Смртта е најнеприродната работа на светот, но еве ја, на сите ни виси како меч над главата, но која е целта на сево ова, нема логика, нема причина, нема зошто, како можеш да го најдеш рајот на земјата кога смртта е најизвесната работа?

Затоа што постои надеж, затоа што постои Бог Отец, творец на небото и на земјата и на се видливо и невидливо и во негови раце го предавам својот живот и себе само за едно, за малку утеха, само за малку вера, само за малку молитва, бидеејќи нидна наука, ниедна мудрост, ниедно чудо не ми даде никаков одговор, утеха, знаење,  освен Он.

Светот може да биде многу подобро место, ако само малку го пуштиме внатре, малку молитва, малку смирение, малку проголтана гордост се доволни да светот биде подобро место за живот. Тогаш ќе имаме спокој исполнет со вера, надеж и љубов. Тогаш смртта нема да има никаква смисла. Затоа што постои само една енергија, беспочетна и вечна, која стално до вилгарност ја вергламе а сепак не ја разбираме освен како релација кон нешто ЉУБОВ, која овој свет ја замени само и исклуиво со страс и ништо друго. Затоа сме празни, шекаме по љубов но не сакаме да разбереме што е навистина.

Автор: Јанко Илковски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.