Љутков: Царот е гол, Заев оди си!

Уште еднаш да повториме бараме „Оставка“, порача во саботата напладне од протестот пред владата, Зоран Љутков, претседател на Комисија за култура при ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од неговата изјава пред огромниот број на граѓани кои денес пред Владата побараа оставка од Заев: 

Многу чудни работи почнаа да се случуваат и во уметноста со доаѓањето на Зоран Заев на власт. Со потпишувањето на Преспанскиот договор тој не го смени само името на државата. Не се сменија само имињата на институциите во Македонија. Не се избрусија само сонцата од Кутлеш. Ами, се посегна и кон бришење на делови од нашата химна, на прослава, божем случајно. Каде што се спомнуваат имињата на македонските револуционери Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев. Јане Сандански. При одбележувањето 1000 години од Бигорскиот манастир повторно како божем случајно беа цензурирани стихови од песната, познатата песна на стихови од Григор Прличев – „Хилјада и седем стотин шестдесет и второ лето“. Речиси половина од песната со што оваа песна остана без поента. Не знаел З.З. веројатно дека токму во автобиографија самиот Григор Прличев пред да ни ја претстави интегрално оваа песна запишал – „Токму оваа песна, помогна во искоренувањето грцизмот многу повеќе од сите наши прежни подвизи“.

Денес Зоран Заев извртува искривени историски факти за Гоце Делчев за бугарската фашистичка окупација во Македонија, која самата бугарска држава ја признала со Парискиот договор во 1946 година. Затоа нема да бидеме изненадени ако еден ден и сите македонски топоними спомнати во народните песни од Егејска Македонија како „Мори чупи, костурчанки“, „Твојте очи Лено мори“ во кои се спомнуваат и воденски черешни, леринско симитче, костурско кутивче да почне да ги менува со грчки топоними или просто да се избришат овие епитети изведени од топоними така како што постапи и со спомен плочите при бришењето на придавката „бугарски“ пред синтагмата „фашистички окупатор“.

Не знам само што ќе прави со Кукуш во најпознатата авторска песна на Константин Миладинов „Т’га за југ“?!

Дали во интерес на добрососедските односи ќе треба во иднина да се забранат песните како „Ми заплакало селото Ваташа“ испеана потресно по стрелањето на ваташките младинци, „Таки Даскалот“ за истоимениот народен херој од НОБ, или во „Таму долу Криволачко“ за народниот херој Никола Петров. Или, можеби, ќе треба да се забранат сите песни, а партизаните децата да ги учат како терористи кои се бореле против мирољубивата слободарска бугарска администрација? Ова е се апсурдно, нели?

Посегнува по македонскиот народ, македонскиот дух, македонскиот фолклор, македонската песна, кои се распространети и во Европа, и низ целиот свет?

Во Европа не се оди обезличени и проѕирни, туку со нашата вековна традиција, уметност, култура. Преубавиот фолклор. Само така убавата Македонија, ќе биде вистинска членка на Европската унија. Унија на вредности, на еднакви права и можности.

Многу години наназад сме поделени на партиски, етнички, социјални и верски основи!

Затоа почитувани, ни треба сега и веднаш обединување. Сепак ова е местото каде секој треба да се обрати, надвор од партиската и етничката припадност, треба да застане овде, да се сврти директно таму и да му рече оди си. Да застане и да му се обрати директно на човекот кој ја засрами Македонија пред целиот свет.

Знам дека сите ние го гледаме пред нас ова разнебитување и разградување на нашата духовност, фолклор, култура, историја, јазик. И затоа да не молчиме и да извикаме како она искрено и невино дете од приказната: ЦАРОТ Е ГОЛ!!!

Морате да го слушнете народот, а народот вели не! Народот  вели, оди си, народот вели оставка!

Или во духот на добрососедските односи каде невешто тврдиш дека зборуваме на ист јазик, ти велиме заминувај или на другиот јазик различен од македонскиот замињавај!