Утре ќе се објави нов конкурс за ректор на Универзитетот во Тетово

Утре ќе биде објавен новиот јавен конкурс за избор на ректор на Универзитетот во Тетово, откако претходниот беше поништен со образложение дека трети страни, мислејќи на телевизија Алсат, која алармираше за законски и статутарни прекршувања од самиот почеток, врши притисок врз процесот и го оцрнува интегритетот на овој Универзитет.

„Ве информираме дека јавниот конкурс за избор на ректор на Универзитетот во Тетово за периодот 2023-2026 година, во дневниот печат и на официјалната веб-страница на Универзитетот: www.unite.edu.mk, ќе биде објавен на 31 мај 2023 година. Во однос на изборната комисија, таа не е променета, останува истиот состав“, наведуваат од тетовскиот универзитет.

Универзитетската изборна комисија останува во истиот состав како и претходната, избрана од сенатот на оваа институција со кој раководи поранешниот ректор Вулнет Амети, а која подготви конкурс за кој Просветниот Инспекторат констатираше голем број прекршоци, особено во постапката за избор на нов ректор.

Комисијата е составена од седум члена: Фламуре Ибраими Садики, Кенан Ферати, Зеќирија Идризи, Беса Догани, Милазим Камбери, Метин Изети и Ндерим Зеќири. Овие членови ќе ги разгледуваат кандидатурите и ќе се погрижат за непречено спроведување на изборите.

Никаде во оваа одлука не пишува дека тие имаат право да поставуваат дополнителни критериуми за кандидатите, како што тврдеа од Универзитетот во Тетово пред неколку дена, повикувајќи се на автономијата во нивната работа, нведуваат од Алсат. Од Универзитетот во Тетово за Алсат, гарантираат дека новиот конкурс ќе се базира целосно и само на Законот за високо образование.

Претходниот конкурс не преживеа дури ни по јавната поддршка на министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, откако АЛСАТ успеа да го обезбеди целосниот извештај на Државниот просветен инспекторат, кој покрај прекршоците во конкурсот за ректор, констатирал и прекршоци при изборот на актуелниот ректор Куштрим Ахмети.

„Од документацијата што ни беше дадена на денот на увидот, не беше пронајдена одлука за научно-образовно звање, редовен професор. Ова не е во согласност со член 97, став 3 од Законот за високото образование. Исто така, беше откриено дека ниту еден од тројцата вршители на должноста ректори не иницирал постапка во рок од 30 дена од нивното назначување, ниту пак Сенатот иницирал постапка во рок од 30 дена. Констатирано е дека не е почитуван членот 100 став 3 и 4 од Законот за високото образование“, велат од Инспекторатот за образование.

Доколку се почитуваше законот и јавниот оглас за ректор објавен навреме, овој процес требало да заврши во јуни 2021 година, но ниту еден од ректорите, Вулнет Амети, Решат Ќаили и Куштрим Ахмети, не го објавил огласот за ректор во рокот предвиден со закон.