Утре е средбата Заев-Мицкоски, на маса повеќе горливи точки

Еден ден пред средбата на Зоран Заев и Христијан Мицкоски, двете партии ги дефинираа црвените линии од кои ќе почнат преговорите. СДСМ го обвинува Мицкоски за попречување на пописот, но македонската опозиција ја критикува Владата за загрозување на здравјето на граѓаните.

„Граѓаните не треба да потпаѓаат под манипулациите и повиците за бојкот на овој важен статистички процес. Бојкотот е кривично дело, постапка што не носи добро на никого и дело што ги загрозува државните и националните интереси“, велат од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека пописот е политички договор со партнерите на владејачката коалиција и оти Заев не се осмелува да го откаже процесот. Од партијата на Мицкоски велат дека по пописот здравствената криза во земјата ќе се продлабочи уште повеќе.

„Со овој чекор, Заев и Филипче свесно ги стават граѓаните во опасност по нивниот живот. Дали Заев е свесен дека 5.500 попишувачи треба да влезат во секоја куќа во државата? Огромното мнозинство од нив може да бидат асимптоматски и да ги заразат граѓаните со хронични болести, што ќе има фатални последици. Одејќи со главата кон ѕид, Заев уште еднаш докажува дека политичките договори со партнерите се поважни од здравјето на граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Неофицијално, ВМРО и СДСМ не ја исклучуваат можноста сепак да дојде до одложување на пописот за во септември, но за тоа ќе се разговара и со албанските парламентарни партии. На утрешната средба во Клубот на пратеници, Заев и Мицкоски ќе разговараат и за измената на Изборниот законик и за локалните избори закажани за октомври. Во однос на предвремени парламентарни избори, лидерот на опозицијата се согласи прво да го види резултатот од локалните, па потоа да се носи одлука за можни парламентарни избори.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.