Утре истекува тендерот на ЕВН Хоум за електрична енергија

Утре истекува тендерот на ЕВН Хоум за идната година – 41 евро за мегават час електрична енергија е цената по која, неофицијално државната ЕСМ ќе ја продава на ЕВН Хоме догодина, или зголемување за 5 евра во однос на цената која важи до крајот на оваа година, јавува ТВ 24.

Од ЕСМ официјално не откриваат која е новата цена – за ТВ24 велат добиле одлука од Владата да дадат понуда на тендерот за 6 месеци, посочувајќи дека по измените на Законот за енергетика од 2019 навака со Универзалниот снабдувач договори се склучуваат на 6 месеци.

„Кај АД ЕСМ и Владата со првенствено значење се зема цената која ќе биде крајна за потрошувачите, и од тие причини се внимаваше ЕСМ да предложи и владата на поддржи и да препорача цена која нема да предизвика голем ценовен шок во општеството, а сепак ќе ја задржи стабилноста на компанијата.“ – велат од ЕСМ.

Инаку, крајната цена на домакинствата се формира или зависи од производната цена на Електрани, од МЕПСО И МЕМО, увоз и обновливи извори на енергија. Врз основа на овие влезни трошоци регулаторот формира крајна цена за домакинства. По ЕСМ и државната МЕПСО најави зголемување. Деновиве велат ќе го достават своето барање – според нивните пресметки трошоците се зголемени за околу 60-тина отсто.

„Со оглед на тоа дека делот на МЕПСО во крајната цена е многу мал, со ова наше евентуално поскапување би значело минимално поскапување. Некаде 2 проценти најмногу. Во крајната сметка, на пример на 1000 денари би значело некаде 20 денари.“ – вели Куштрим Рамадани – директор на МЕПСО.

Eнергетската криза во земјава ги скара и пратениците во Законодавниот дом. Во рамки на расправата за Предлог буџетот за 2022 власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат – ќе има или не пари од буџетот за енергетската криза. За да нема ценовни шокови во функција се ставаат сите домашни капацитети, а надлежните уверуваат дека поради енергетската криза сметките од 1 јануари ќе бидат повисоки за околу 10-тина проценти.