Утре почнува Самитот на НАТО во Мадрид, ќе го обезбеднуваат над 10.000 полицајци

Околу 10.000 припадници на безбедносните сили се распоредени низ Мадрид пред самитот на НАТО, на кој во следните два дена ќе се соберат шефовите на држави или влади на 30 земји-членки на НАТО и уште десетина лидери на земји-партнери.

Самитот, на кој една од главните теми се очекува да биде новиот стратешки концепт кој би ја дефинирал Русија како директна безбедносна закана за НАТО, почнува вечерва со гала вечера организирана од шпанскиот крал Филип Шести и кралицата Летиција за дел од шефовите на државите.

Утре ќе се одржат две работни сесии на ниво на шефови на држави или влади, а в четврток, на последниот ден од самитот, една работна седница на највисоко ниво.

Големи полициски сили се распоредени во Мадрид како дел од најголемата безбедносна операција во поновата историја на Шпанија пред почетокот на самитот, на кој се очекува да има околу 5.000 учесници.

Полицијата на коњ и пеш патролира низ градот, а воздушниот простор е заштитен со десетици хеликоптери.

Според шпанското Министерство за одбрана, борбените авиони и противвоздушната одбрана се во состојба на висока готовност. Информативните мрежи се под засилен надзор поради опасност од кибер напади.

Бидејќи делови од градот беа блокирани поради самитот, шпанските власти ги повикаа граѓаните на Мадрид да работат од дома во наредните денови.

Покрај лидерите на 30-те земји-членки на НАТО, на самитот се поканети и лидерите на уште десетина земји, меѓу кои Австралија, Нов Зеланд, Јапонија, Јужна Кореја и Грузија.

Засега не е потврдено дали украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе дојде на самитот или ќе им се обрати на учесниците преку видео врска.

Во Мадрид се и лидерите на Шведска и Финска, земји кои аплицираа за членство во НАТО, но Турција се противи на тоа. Се очекува, учесниците на Самитот да побараат од турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган да им овозможи на двете земји да се приклучат на воениот сојуз.

На состанокот учествуваат и лидерите на ЕУ – претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Во пресрет на самитот во Мадрид, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека НАТО ќе го зголеми бројот на војници кои се во состојба на висока готовност од околу 40.000 на повеќе од 300.000.

На Самитот учествува и македонскиот претседател Стево Пендаровски.

На дневен ред на самитот е прашањето за тоа како рускиот напад врз Украина и новата безбедносна реалност во Европа влијаат на пристапот на НАТО кон одбраната и одвраќањето.

Меѓу приоритетите се зголеменото влијание на Кина и безбедносните последици од климатските промени, како и други закани како што се тероризмот и нестабилноста во Северна Африка и Сахел.