Утревечер нема полициски час

Владата денеска го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести за олабавување на рестриктивните мерки. Веќе од четврток полицискиот час ќе почнува од полноќ и ќе трае до 4 часот наутро. Исклучок од посебниот режим на движење во вечерните часови ќе има само утре за време на верскиот празник Рамазан Бајрам.

Почнувајќи од утре до 18 мај, угостителските објекти ќе работат до 23.30 часот само во отвоените делови на објектите, односно летните тераси. Исклучок од ова ограничување се угостителските објекти на Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид, како и делот за исхрана во хотелите, мотелите, хостелите, пансионите и другите објекти за сместување за лицата кои се сместени во овие објекти.

Од утре почнуваат да работат и вежбалните, фитнес клубовите, спортските центри и сали за вежбање и игротеките, но во овие објекти е задолжително почитување на протоколите за работа.

Во градинките ќе може да се зголеми бројот на згрижени деца најмногу до 15 во воспитните групи до двегодишна возраст и до 20 деца во воспитните групи од 2-6 годишна возраст.

Со одлука на Владата престанува да важи и забраната за користење на годишни одмори и платени и неплатени отсуства за вработените во здравството. Тоа ќе се прави согласно планот на раководителот на установата, без да се наруши нормалното и тековно функционирање на системот на работа во здравствените установи.

Како дел од олабавувањето на рестриктивните мерки е и дозволата да се организираат настани и слични јавни активности согласно протоколите за работа, односно до 30 проценти исполнетост на капацитетите во внатрешноста на објектите и до 50 проценти исполнетост на отворен простор.

– Спортските настани и понатаму се организираат без физичко на присуство на публика – напоменуваат од Владата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.