Утрово повторно напад врз Газа, нема знаци на попуштање

Израелската војска соопшти дека утрово нападнала важни цели во Појасот Газа, додека палестинските милитанти продолжуваат да истрелуваат ракети кон Израел.

И покрај меѓународните повици за прекин на огнот, конфликтот што избувна пред скоро една недела не покажува знаци на попуштање, јави ДПА.

Израелската армија соопшти дека во текот на ноќта гранатирала домови на девет високи команданти од исламистичкото движење Хамас. Според израелската војска, некои биле користени како складишта за оружје.

Повеќе од 1.500 цели се нападнати во Појасот Газа, изјави вчера израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Тој истакна дека операцијата ќе продолжи со „целосна сила“.

Палестинската страна соопшти дека воздушните напади биле досега најтешки во густо населената Газа.
Според израелската војска, од минатиот понеделник кон Израел биле истрелани најмалку 3.100 ракети.

Двете страни соопштија дека ракетните напади биле досега најтешки.

Најмалку 192 лица се убиени во Газа, соопшти Министерството за здравство на крајбрежната територија.

Само во саботата вечерта, 42 Палестинци беа убиени во нападите на израелската армија врз домови во Газа.

Во Израел, од ракетен оган, од минатиот понеделник загинаа 10 лица, соопштија спасувачките служби.

Меѓународните дипломатски напори за смирување на тензиите досега имаа малку очигледен ефект, подвлекува ДПА.