Утрово Скопје без јавен превоз, нема гориво за автобусите!

Утрово на улиците во Скопје, неможеше да се забележат автобусите на Јавното градско претпријатие, а граѓаните кои што ги користат услугите на ЈСП останаа без превоз.

Двокатните автобуси, кои што редовно скопјани ги гледаа низ улиците на Скопје, денеска ја немаа таа можност, а некои надевајќи се дека ќе пристигне линискиот број утрово чекаа на автобуските станици.

Јавниот превоз и утрово е редуциран поради недостиг на гориво за автобусите на ЈСП Скопје.

Во Скопје од вчера попладне сообраќаат само 25 автобуси, а останатите се паркирани во автобазите на ЈСП „Скопје“ во Автокоманда и Ѓорче Петров поради недостиг на гориво, а утрово забележани се автобусите 15, 20 и 16ка.

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески информираше дека Советот денеска ќе одржи итна вонредна седница со почеток во 18:00 часот.

Според него, Советот, во рамките на своите надлежности, е подготвен низ конструктивна расправа да усвои заклучоци со кои ќе побара од надлежните, пред сѐ од градоначалничката Данела Арсовска и директорите, итно да го нормализираат јавниот превоз на територијата на Град Скопје и да го подигнат нивото на хигиена.

-Нефункционирањето на јавните претпријатија во надлежност на град Скопје, задолжени да обезбедуваат витални услуги за граѓаните, достигна кулминација, порача Славески во објава на социјална мрежа „Х“.