Јуве со гостинската победа кај Рома го презема врвот

17
ANSA/RICCARDO ANTIMIANI

Во дербито од 19-то коло на италијанското фудбалско првенство Јувентус во Рим со 2:1 ја победи Рома, преземајќи го водството на табелата во Серија А.

Торинската „Стара дама“ веќе по десет минути имаше предност од два гола, а римската „Волчица“ во продолжението успеа само да го ублажи поразот. Гостите поведоа во 3 минута со голот на Мерих Демирал, а седум минути подоцна Кристијано Роналдо реализираше пенал за удвојување на водствот, а во 68 минута исто така од пенал намали Диего Пероти.

Јувентус сега повторно е на врвот со 48 бодови, два повеќе од второпласираниот Интер и шест од третиот Лацио кој има и меч помалку. Рома, пак, остана на четвртото место со 35 бодови, колку што има и петтата Аталанта, шест повеќе од Калјари кој е најблискиот тим кој се бори за пласман во европските купови.

Во другтие пет натпревари одиграни во неделата славеа домаќините.

Верона ја победи Џенова на Горан Пандев со 2:1, иако гостите поведоа во 41 минута преку Антонио Санабрија. Домашните во второто полувреме направија целосен пресврт, со головите на Валеро Вера во 55 минута од пенал и Матео Закаљи во 65 минута. Верона сега е осма со 25 бодови, додека Џенова е 18-та со 14 бодови, еден помалку од местото кое гарантира опстанок во лигата.

Сампдорија ја декласираше Бреша со 5:1 и освои важни бодови во дуелот со еден од директните ривали за прволигашкиот статус. Гостите поведоа во 12 минута со голот на Џон Канселор, но потоа следеше канонада на домаќините. Стрелци беа Карол Линети во 34, Јакуб Јанкто во третата минута од судиското продолжение на првото полувреме, Фабио Кваљарела во 69 од пенал и во втората минута од судиското продолжение и Џанлука Капрари во 77 минута. Ова беше само втората победа на Сампдорија во последните шест кола, и сега има 19 бодови и е на 16-то место, додека Бреша е претпоследна 19-та со 14 бводови.

Удинезе го порази Сасуоло со 3:0, впишувајќи ја третата победа во низа. Стрелци беа Стефабно Окака во 14, Кен Сема во 68 и Родриго Де Паул во 90 минута. Удинезе е 12-ти со 24 бодови, а Сасуоло е 15-ти со 19 бодови.

Фиорентина со голот на Герман Пецела во 82 минута го скрши отпорот на СПАЛ, прекинувајќи ја низата од четири кола без победа. Фиорентина сега има 21 бод и е на 14-то место, СПАЛ остана последен 20-ти со 12 бодови.

Со идентичен резултат, со голот на Алекс Беренгуер во 11 минута, Торино ја победи Болоња, која во последниот половина час имаше две одлични шанси за израмнување, но двете ги испушти Родриго Паласио. Торино е седми со 27 бодови, а Болоња е 13-та со 23 бодови.

Во саботата Милан со 2:0 на гости го совлада Калјари, Лацио со 1:0 го совлада Наполи, а Интер одигра 1:1 дома со Аталанта. Колото во понеделник го затвораат Парма и Лече.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.