Јуве уверлив против Лацио, Торино испушти гостинска победа во Рим

Во последниот натпревар од 15-то коло од италијанското фудбалско првенство Јувентус во Торино со 3:0 го совлада Лацио и скокна до третото место на табелата на Серија А.

Торинската „Стара дама“ поведе во финишот на првиот дел. Адриен Рабио испрати одлична топка до Моисе Кин во 43 минута, кој мајсторски се снајде, мина меѓу два противнички играчи и со лоб го префрли голманот Иван Проведел кој непотребно истрча. Истиот играч во 54 минута зголеми на 2:0, а сите дилеми доколку ги имаше бидејќи гостите од Рим беа целосно надиграни, ги отстрани Аркадиуш Милик во 89 минута.

Јувентус така со 31 бод го мина на табелата Лацио кој остана на 30 бодови. Во водство е Наполи со 41 бод, а Милан е второпласиран со 33 бодови.

Во претходно одиграниот меч Милан на домашен терен ја победи Фиорентина со 2:1 со гол во судиското продолжение. Актуелниот шампион поведе веќе во 2 минута преку Рафаел Леао, а израмни во 28 минута Антонин Варак, а победата на „Росонерите“ им ја донесе во првата минута од судиското продолжение Никола Миленковиќ кој ја погоди сопствената мрежа. Фиорентина, така, остана на 19 бодови и на 10-то место.

Торино, пак, во судиското продолжение испушти победа кај Рома одигрувајќи 1:1. Гостите поведоа во 55 минута со голот ана Карол Линети кој со глава во долниот лев агол го спроведе центаршутот на Вилфрид Динго. И кога се чинеше дека гостите ќе заменат со трите бода, Рома во неверојатната завршница успеа да израмни. Во 94 минута Кофи Џиџи направви прекршок, а Андреа Белоти доби можноста да погоди против својот поранешен клуб од пенал, но ја погоди левата статива, во продолжение од акцијата топката дојде до Паоло Дибала кој ја погоди пречката но за среќа на „Волчицата“ Немања Матиќ од третиот обид погоди за 1:1.

Рома е седма со 27 бодови, а Торино е деветти со 21 бод.

Претходно во дерби дуелот во Бергамо, милански Интер успеа со 3:2 да ја совлада Аталанта. Домашните поведоа во 25 минута со голот на Адемола Локман од пенал, но потоа Интер преку Един Џеко прво израмни во 36 минута, а во 56 минута направи и резултатски пресврт. Предноста на гостите беше удвоена во 61 минута кога Хозе Луис Паломино постигна автогол, а домашните успеаја да намалат на 2:3 токму преку Паломино во 77 минута.

Со победата Интер со 30 бодови на петтото место се одлепи од Аталанта која остана шеста со 27 бодови.

Верона се чини уште отсега ги губи шансите да се задржи по оваа сезона во Серија А, откако дома беше поразена со 1:2 од Специја во пресметката на дното. Домашните имаа сила за само едно полувреме, кое го завршија со предност откако Симоне Верди погоди во 30 минута. Но гостите со двата погодока на М’Бала Нѕола во 53 и 69 минута дојдоа до важна победа во борбата за опстанок.

Специја остана на 17-то место, едно над зоната на опстанок, но сега со 13 бодови, шест повеќе од 18-то Кремонезе. Верона со само една победа и само пет бода е закована на дното на Серија А.