Јувентус ги загуби Дибала и Морaта пред дуелот со Челзи

Италијанскиот фудбалски великан Јувентус во неделата во рамките на шестото коло од националното првенство ја совлада Сампдорија со 3:2, но по мечот торинската „Стара дама“ доби лоши вести.

Станува збор за повредите на клучните играчи за Јуве, Аргентинецот Паоло Дибала и Шпанецот Алваро Мората. Првиот постигна погодок и уште во 22 минута со солзи во очите го напушти теренот поради болки во мускулите. Мората, пак, од игра излезе во завршницата од дуелот, исто така поради повреда.

Веднаш по натпреварот тренерот на Јувентус, Масимилиано Алегри за Sky Italia ги потврди лошите вести.

„Ситуацијата не е добра и двајцата ги загубивме за двата следни многу важни дуелa. Потоа следува паузата за репрезентативните натпревари и верувам дека тогаш потполно ќе закрепнат“, изјави Алегри кој во неделата го водеше од клупата својот 400-ти меч во кариерата во Серија А.

Јувентус следната седмица прво на домашен терен во рамките на Лигата на шампионите го пречекува актуелниот европски првак Челзи, а потоа го очекува првенственото градски дерби со Торино.