Јувентус го доби дербито со Милан, повторно води во Серија А

ANSA/ ALESSANDRO DI MARCO

Во дербито на 12-то коло од италијанското фудбалско првенство Јувентус во свој препознатлив стил без особено изразена доминација но сигурно дојде до минимална победа од 1:0 над Милан, со што се врати на првото место на Серија А.

Милан за разлика од слабите претстави изминатите кола, во Торино одигра вистински дерби дуел во кој имаше свои шанси и во поголем дел од дуелот беше рамноправен противник. Сепак, „Росонерите“ потклекнаа пред Пауло Дибала кој погоди во 78 минута а во тој период имаше и шанси конечно да го реши прашањето на победникот. Одличниот Аргентинец постигна гол 20-ина минути откако го замени вечерва невидливиот Кристијано Роналдо.

Ова беше деветтата последователна победа на торинската „Стара дама“ против Милан. Јувентус се врати на чело на табелата со 32 бода, еден повеќе од Интер, а осум повеќе од Лацио и Калјари и десет од Аталанта и Рома. Милан, пак, е 14-ти со 13 бодови.

Во неделата Аталанта одигра без голови на гостувањето кај Сампдорија, иако од 74 минута играше без исклучениот Руслан Малиновски. Сампдорија остана на 18-то место со девет бодови.

Парма со 2:0 ја совлада Рома прекинивајќи ја низата од три кола без победа. Домашните поведоа преку Матија Спрокати во 68, а конечниот резултат го постави Андреас Конрелиус во третата минута од судиското продолжение. Парма сега се искачи на осмата позиција на табелата со 17 бодови.

Лацио со 4:2 беше убедлив против Лече, иако на полувремето гостите имаа бод 1:1, но „Бјанкочелестите“ во продолжение постигнаа уште три а примија еден гол. Стралци за римјаните беа Кореа во 30 и 80, Милинковиќ-Савиќ во 62 и Имобиле во 78 минута од пенал, а за Лече погодијна Лападула во 41 и Ла Мантиа во 88 минута. Лече е 16-ти со 10 бодови.

СПАЛ на гостувањето кај Удиензе одигра без голови, откако не реализираше пенал во осмата минута од судиското продолжение, а трагичар беше Андреа Петања. Така СПАЛ пропушти можност со уште два бода привремено да излезе од зоната на испаѓање, претпоследен е 19-ти со осум бодови, а Удинезе е 12-ти со 14 бодови.

Во првиот натпревар од неделната програма во Серија А, Калјари со 5:2 ја победи Фиорентина. Марко Рог ги доведе во водство домашните во 17 минута, по што мрежата на Фиорентина ја тресеа Писакане во 26, Симеоние во 34, Жоао Педро во 54 и Наинголан во 65 минута, додека Фиорентина го избегна дебаклот со двата гола на Влаховиќ, во 75 и 87 минута. Калјари ја потврди високата четврта позиција на табелата, а Фиорентина падна на 9-то место со 16 бодови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.