Јувентус минимално до бодовите во торинското дерби

ANSA/ALESSANDRO DI MARCO

Фудбалерите на Јувентус се вратија многу брзо на врвот од табелата во Серија А, откако минимално со 1:0 остварија во саботата вечерта „гостинска“ победа кај градскиот ривал Торино во средбата од 11-то коло.

Погодокот кој на „Старата дама“ ѝ донесе нови три бода го постигна Матијас де Лихт во 71 минута од гужва во противничкиот шеснаесетник по изведен корнер. Сега Јувентус повторно го скокна Интер има бод повеќе. Торино, пак, е 13-ти со 11 бодови.

Интер претходно дојде до драматична победа на гостувањето кај Болоња. Домашните дојдоа во водство во 60 минута преку Роберто Сориано, а во 76 минута израмни Ромелу Лукаку. „Нераѕурите“ дојдоа до победата од пенал во судиското продолжување, откако Орсолини невнимателно го закачи по ногата Лаутаро во својот шеснаесетник. Болоња моментално е на 12-то место со 12 бодови.

Во првиот саботен дуел Рома на својот „Олимпико“ заслужено но со многу среќа го совлада Наполи, во ткн „Дерби на Сонцето“. „Волчицата“ поведе во 20 минута со голот на Николо Заниоло, што е негов четврти гол по ред во исто толку натпревари. Рома можеше да поведе и со 2:0, кога Хозе Каљехон невнимателно со рака ја запре топката во својот шеснаесетник, по што судијата Џанлука Роки покажа на белата точка. Александар Коларов ја изведе најстрогата казна, но голманот на гостите Алекс Мерет го прочите дека ќе шутира во левиот агол.

Наполи во периодот од 28 до 41 минута имаше дури седум шанси за израмнување. Прво полскиот напаѓач Аркадиуш Милиг со глава ја погоди пречката, а во продолжението на истата акција Џовани до Лоренцо од 20-ина метри го погоди левиот дирек.

Одбраната на Наполи покажа голема деконцентрација, па во 55 минута повторно во својот шеснаесетник со рака играше Марио Руи по центаршутот на Хавиер Пасторе. Овојпат пеналот го изведе прецизно Жордан Веретут за 2:0 за Рома. Наполи стави се на нападот што резултираше со погодокот на Милил во 72 минута, а до крајот на мечот неговите играчи не успеаја да го избегнат третиот пораз сезонава.

Рома со трите нови бода има вкупно 22 со кои е на третото место и ќе очекува Аталанта во недела да не победи. Наполи остана на 18 бодови на шестото место, исто колку и Калјари кој има меч помалку а се среќава токму со Аталанта.

Покрај дуелот Аталанта – Калјари, во недела се играат уште мечевите: Џенова – Удинезе, Верона – Бреша, Лече – Сасуоло, Фиорентина – Парма и Милан – Лацио, а во понеделник играат СПАЛ и Сампдорија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.