Јувентус со пресврт до победата во градското дерби, Интер сигурен против Болоња

Juventus FC vs Torino FC at the Allianz Stadium in Turin, Italy, 5 December 2020 ANSA/ALESSANDRO DI MARCO

Актуелниот фудбалски првак Јувентус во градското дерби во стаботата со 2:1 го победи Торино, а Интер со 3:1 беше подобар од Болоња во саботната програма од десеттото коло на италијанската Серија А.

Торино беше многу подобар противник во првото полувреме наспроти безидејниот Јувентус и поведе со погодокот на Николас Нкулу во 9 минута, откако најдобро се снајде во гужвата пред голот на „Старата дама“ по изведениот корнер. Само пет минути подоцна Заза не искористи стопроцента шанса за нов шок на големиот ривал, а во самиот финиш на првиот дел атрактивниот обид со волеј од „ножички“на Белоти да профичи над пречката на Јуве.

Во продолжението Јувентус ја презема иницијативата, но не создаваше шанси за погодок. Сепак во самиот финиш од мечот стаса до пресврт, и тоа со головите на Вестон Меккини во 77 и Леонардо Бонучи во 89 минута. Интересно и двата погодока беа постигнати со глава по одличните нафрлувања на Хуан Квадрадо.

Јувентус се моментално трет со 20 бодови, еден помалку од второпласираниот Интер, а три зад водечкиот Милан кој има и меч помалкуи. Но местото на Јуве го напаѓаат Сасуоло со 18 бодови и две екипи со по 17 бодови – Наполи и Рома кои во недела ќе ги одиграат натпреварите до ова коло. Торино е во зоната на испаѓањето, на 18-то место со шест бодови.

Интер на „Сан Сиро“ немеше поголеми проблеми во дуелот со Болоња. Стрелци за „Нераѕурите“ беа Ромелуи Лукаку во 16, и Ашраф Хакими во 45 и 70 минута, додека за гостите погоди Емануел Вињато во 67 минута.

Интер со 21 бод го следи градскиот ривал Милан кој има 23 бодови но од девет натпревари, а Болоња е моментално десетта на табелата со 12 бодови.

Во првиот меч во саботата Лацио со 2:1 ја совлада Специја која беше домаќин во Чезена. Римјаните дојдоа до водство од 2:0 во првото полувреме. Чиро Имобиле го постигна првиот погодок во 15 минтуа од контранапад по асистенција на Сергеј Милинковиќ-Савиќ кој во 33 минута и самиот се впиша во листата на стрелците од слободен удар. Во продолжението Специја намали во 64 минута преку М’Бала Нзола, а до крајот на мечот на гостите им беа поништени уште два погодока поради офсајд.

Лацио моментално е седми на табелата со 17 бодови, а Специја е остана засега 15-та со десет бодови.