Јувентус со триумфот над Болоња го задржа врвот во Серија А

ANSA/ ALESSANDRO DI MARCO

Во последниот натпревар од саботната програма од осмото коло во италијанскиот фудбалско првенство, актуелниот шампион Јувентус на свој терен со 2:1 ја победи Болоња и ќе го задржи врвот на табелата.

Водечкиот погодок за Јуве го постигна Кристијано Роналдо во 20 минута. Болоња израмни во 27Д минута со прецизниот удар на Данило. Победата на тимот воден од Маурицио Сари му ја донесе Миралем Пјаниќ кој во 55 минута среќно дојде до топката во гостинскиот шеснаесетник и од 13 метри го совлада голманот Скорупски.

Наполи со 2:0 беше подобар од Верона, а стрелец на двата погодока беше полскиот напаѓач Аркадиуш Милик, во 37 и 67 минута.

Во првиот саботен меч Аталанта на римски „Олимпико“ имаше предност од 3:0 на полувремето против Лацио, но на крајот дуелот заврши без победник 3:3.

Јувентус е во водство со 22 бода, второпласираниот Интер има 18 бодови и меч помалку. Трета е Аталанта со 17 а четврти е Наполи со 16 бодови. Лацио моментално е шести со 12 бодови, Болоња е 12-та со девет бодови, колку што има 13-та Верона.

Во неделата на распоред се преостанатите шест од седумте натпревари од осмото коло, а играат: Сасуоло – Интер, Калјари – СПАЛ, Сампдорија – Рома, Удинезе – торино, Парма – Џенова и Милан – Лече. Во понеделник колото го затвораат Бреша и Фиорентина.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.