Увозот на евтина струја од Македонија во ЕУ ги загрозува европските климатски амбиции

Увозот на евтина струја од земјите од Западен Балкан, меѓу кои води Северна Македонија, претставува ризик за европските амбиции за намалување на емисиите на ЦО2 во ЕУ, како и во регионот, предупредува британскиот тинк тенк, Сендбег, во својот последен извештај.

Во Европската Унија системот на размена на квоти на емисии познат како ЕТС има за цел да ги поттикне земјите членки да ги намалат штетни емисии.

Овој комплексен систем им овозможува на земјите и на компаниите да ги заменат емисиите со ограничен број на кредити за проекти кои штедат емисии било каде во светот и со тоа да го компензираат тоа што го емитуваат во воздухот. Системот треба да придонесе за постигнување на климатска неутралност во 2050, односно нула штетни емисии во ЕУ.

Но, според последниот извештај на Сендбег, земјите членки го заобиколуваат системот и сѐ повеќе купуваат струја произведена во централите на јаглен од соседните земји како Турција, Украина, Мароко и западниот Балкан.

Податоците од извештајот покажуваат дека Северна Македонија води во регионот во однос на извозот на струја, а главни купувачи се Грција и Бугарија.

Ниту една од овие земји нема воведено тарификација за јагленот, со што, предупредува организацијата „се компромитира намалувањето на емисиите на ЕУ и се охрабрува употребата на јаглен во соседните земји кои ќе станат „офшор рај“ за јагленот“, стои во извештајот.

ЕУ редовно предупредува дека шеснаесетте централи на јаглен во регионот загадуваат колку сите 250 централи на Унијата.

Нето увозот на струка е зголемен од 3 на 21 тони ват на час (TWh) меѓу 2017 и 2019.

Експертите од овој тинк тенк пресметале дека увезената струја испуштила 26 милиони тони ЦО2 во воздухот, додека да се произведела таа струја во земјите членки на ЕУ емисиите ќе биле помали за 11 тони, затоа што електричните мрежи во ЕУ помалку загадуваат.

Дополнително, доколку увезените емисии беа покриени со системот на квоти за ЦО2 на ЕУ тоа ќе значеше 630 милиони евра поголем приход за Унијата.

Оваа „неоданочена“ увезена струја произведена со јаглен како што ја нарекува Сендбег ризикува да се зголеми во иднината.

-Предвидено е да се зголеми капацитет за интерконекција за 31 отсто помеѓу ЕУ и третите земји, ова дополнително ќе ги изложи пазарите на струја на ЕУ на увоз. Петнаесет отсто од оваа експанзија ќе биде на западниот Балкан каде се наоѓаат електричните централи кои најмногу загадуваат во Европа, алармира Сендбег и потсетува дека е планирана изградба на нови термоелектрани на јаглен во наредните години во Турција, Египет, Босна и Србија.

ЕУ земјите кои најмногу увезуваат струја од трети земји се Финска, Грција и Хрватска и покрај тоа што имаат амбициозни планови за декарбонизација, односно планираат целосно да го исфрлат јагленот до 2030. Меѓутоа, ќе останат изложени на увозот на струја од централи на јаглен кои загадуваат и со тоа де факто ги загрозуваат и националните и европските амбиции за декарбонизација и климатска неутралност.

Земјите од западниот Балкан најмногу извезуваат во Грција, Бугарија, Романија, Хрватска и Унгарија.

Најголемите текови се меѓу Северна Македонија и Грција со 2,7 TWh и Босна и Хрватска со 1,6, додека во самиот регион на западниот Балкан најголемите текови се меѓу Северна Македонија и Бугарија со 1,8 TWh и Бугарија и Србија (1,3).

-И покрај тоа што е нето увезувач на струја по обем, западниот Балкан е нето извезувач на ЦО2 емисии во ЕУ. Проценуваме дека 6,3 тони ват на час извезени во ЕУ од страна на западниот Балкан испуштиме дваесет отсто ЦО2 од целокупниот увоз на струја, пишува во извештајот.

Земјите од регионот планираат да ги зголемуваат своите капацитети на јаглен без план за вклучување на обновливи ресурси.

-Емисиите на Северна Македонија се зголемуваат според сите сценарија, немаат таргет за обновлива струја, моментално набавуваат 23 отсто. Така што е веројатно дека фосилните извори ќе продолжат да доминираат најмалку до 2025, предупредува организацијата.

Со оглед на овие податоци, Сендбег ја повикува ЕУ да примени карбон такса на увозот на струка од трети земји и со тоа да покаже кредибилност кон сопствената климатска политика и да спречи делокализација на емисиите од електричниот сектор, истовремено поттикнувајќи ги земјите од соседството да спроведат сериозна декарбонизација и да ја усогласат својата политика со таа на ЕУ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.