Јужна Кореја бара од САД промена на критериумите за субвенционирање на производството на чипови

Јужна Кореја побарала од Вашингтон да ги промени критериумите за субвенционирање на производството на полупроводници кои условуваат државна помош со ограничени инвестиции во други производствени локации, како што е Кина.

Министерството за трговија на САД во март предложи регулативи кои ќе ги блокираат Кина и другите земји означени како можна закана за националната безбедност да пристапат до 52 милијарди долари субвенции за производство и истражување на полупроводници.

Јужна Кореја, главен инвеститор во американскиот сектор за полупроводници, побарала од Вашингтон да ја преиспита регулативата која ќе им забрани на субвенционираните компании да го прошират капацитетот за производство во земјите што се означени како можна закана за повеќе од пет проценти.

„Република Кореја верува дека примената на „заштитните одредби“ не треба да наметнува неразумно оптоварување на компаниите кои инвестираат во Соединетите држави“, се вели во официјалната поднесок на Сеул.

Поднесокот не дава детали, но новинската агенција Yonhap објави дека Сеул побарал проширувањето на производствените капацитети во трети земји да се ограничи на 10 проценти. Министерството за индустрија на Јужна Кореја одбило да го коментира извештајот.

Од Вашингтон велат дека целта на стимулациите да се врати американското лидерство во производството на полупроводници, да се зголеми вработеноста и да се заштити економската и националната безбедност.

Јужнокорејските компании „Samsung“ и „SK Hynix“, двата водечки производители на мемориски чипови во светот, инвестирале милијарди долари во фабрики во Кина, потсетува Reuters. Во исто време, „Samsung“ гради фабрика во САД која би можела да чини повеќе од 25 милијарди долари.

Во поднесокот до американските власти, „Samsung Electronics Co Ltd“ бара појаснување за предложената регулатива, така што инвестициите во производството на чипови во САД „не би биле неоправдано и ненамерно ограничени“, покажуваат документите. Од „SK Hynx Inc“, исто така, поднеле поднесок, но неговата јавна верзија не вклучува детали, според Ruters.

Здружението на индустријата за полупроводници на Јужна Кореја предупреди дека компаниите кои би можеле да се квалификуваат за субвенции од САД имаат бројни фабрики во Кина.

„Клучно е овие компании да можат да ги заштитат своите претходни инвестиции за да бидат комерцијално исплатливи“, велат од здружението.