Јужноафриканскиот сој на коронавирусот потврден во Македонија

Јужноафриканскиот сој на коронавирусот бил изолиран во Институтот за јавно здравје во Скопје, дознава Слободен печат.

Високи извори од Министерството за здравство ја потврдија информацијата и велат дека станува збор за случај од март .

Според анализите на ИЈЗ од 1-ви март до 15-ти април, кај едно лице од Делчево било детектирано присуството на јужноафриканскиот сој на коронавирусот SARS-CoV-2. Пациентот е оздравен и повеќе не е ковид-позитивен. Освен за овој пациент досега нема детектирано присуство на јужноафриканскиот сој кај други позитивни пациенти, рекле од Министерството за здравство за Слободен печат.

Лабораториско истражување спроведено во февраури покажа дека јужноафрикански сој B.1.351. на коронавирусот би можел да ја намали заштитата која ја пружаат антителата развиени по поттикнување од вакцината дури за две третини, но тоа не значи дека вакцината е неефикасна против оваа мутација.