Од утре ќе почне да се подготвува Арената „Борис Трајковски“ во Скопје, каде ќе има 30 позиции за вакцинирање против ковид-19 и со тоа ќе бидеме подготвени за масовната имунизација, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Таму ќе бидат поставени лекари и медицински сестри од Здравствен дом Скопје.
Министерот кажа дека во април се очекуваат вакцини од повеќе места, т. е. втората доза од „АстраЗенека“, односно 76 илјади дози преку Ковакс-механизмот, како и вакцините од Кина. Во однос на вакцините од „Фајзер“ кои се нарачани со директни преговори, Филипче рече дека конечно „Фајзер“ го потпишала договорот и дека оваа недела треба целосно да се потпише договорот.
Во земјава досега се вакцинирани 7.005 лица, т. е здравствени работници од Ковид-центрите.
Вакцинацијата со 24 илјади дози од „АстраЗенека“ почнува в среда, 31 март. Првите 20.000 граѓани кои ќе бидат имунизирани со оваа пратка вакцини се хронично болните и лица над 75-годишна возраст, како ризична група.
Филипче кажа дека тие денес и утре треба да бидат повикани од матичните лекари. Возрасните лица ќе добијат термини каде и во кој пункт од среда натаму да се јават.