Вајт ја напушти англиската селекција во Катар

Бекот на англиската фудбалска репрезентација Бен Вајт го напуштил кампот на селекцијата на Светското првенство во Катар и се вратил во Англија од лични причини, објави англиската фудбалска асоцијација FA.

Од англискиот сојуз додадоа дека не очекуваат дека Вајт ќе се врати во Катар. Пред два дена Вајт не тренираше со соиграчите, за што беше објаснето дека е болен.

„Бараме да се почитува приватноста на играчот во овој момент“, се додава во објавата на FA.

По појавувањето на информацијата, на официјалните профили на Арсенал на социјалните мрежи од клубот му порачаа „Сите сме со тебе Бен!“.

Инаку 25-годишниот десен бек на Арсенал, водечкиот тим во англиската Премиер лига, беше едно од изненадувањата на конечниот список на селекторот Гарет Саутгејт.

Бен Вајт за селекцијата на Гордиот Албион одигра четири натпревари. Не влезе во игра во Катар на натпреварите со Иран и САД, а во победата над Велс од 3:0 не беше ниту меѓу резервите, како што беше соопштено поради болест.

Англија како прва во Групата Б се пласираше во осминафиналето во кое во недела ќе игра против Сенегал.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.