Вакцинацијата во Европа е во целосна збрка, констатира Њујорк тајмс

Во најголем дел од Европската Унија, дистрибуацијата на вакцината е спора и еруптираат нови случаи – Европа беше првото место каде коронавирусот предизвика масовна смрт, но е соочена со можноста да остане последното каде вирусот ќе попушти. 

Како што соопшти денеска весникот Њујорк тајмс, во Европа „владите ги ставаат истоштените популации под нови карантини, а уличните протести стануват насилни. Една година по почетокот на ширењето на вирусот, работите се уште се вознемирувачки исти“. 

Весникот наведува наслов од германски Билд: „Драги Британци, ви завидуваме“.  

Се цитираат и други написи кои велат дека програмата за вакцинација во Европа се споредува со мерките за штедење на буџетот како „најлошата грешка во политиките на ЕУ досега“.  

Се наведуваат неколку причини зошто вакцинацијата во Европа е во целосна збрка. 

Првата е преголемата бирократија.  

-Кога САД и другите земји побрзаа да потпишат договори со произведувачите на вакцини, ЕУ првин усогласуваше пристап со сите 27 членки за преговори со нив. 

Се додава дека „приоритет беше процедурата наместо брзината. Се стави солидарноста меѓу членките на ЕУ наместо да давање на владите повеќе простор за маневри, јави Политико.  

Резултат беше споро одобрување на вакцините од регулаторите и задоцнети договори за снабдување на дозите, со што Европа чекаше на ред зад земјите кои делуваа брзо. 

Втора причина, наведува весникот, е ситничирањето и пазарањето со произведувачите на вакцини. 

-На преговорите, Европа истакнуваше дека сака ниска цена за доза. За споредба, Израел сакаше да плати највисока цена за да ги добие вакцините брзо –  25 долари за доза. САД платија околу 20 долари за доза, додека ЕУ плаќа од 15 до 19 долари. 

Намалената цена е уште една причина за тоа Европа да чека на ред зад другите земји. Поволната зделка сепак излезе дека е лоша – на секој долар заштеден од една доза можеби ќе се добие една милијарда, но сумата е грешка во маргините во трговска унија со речиси 20 трилиони долари годишен обрт на капиталот. 

Третата причини, наведува весникот, е скептицизмот околу вакцината. Континентот е центар на светскиот скептицизам и антиваксерите, пишува Политико. 

Списанието „Нејчр медицин“ анкетираше жители на 19 земји со прашање дали тие ќе примат вакцина која е докажно безбедна и ефикасна. Во Кина, 89 отсто од испрашаните потврдиле дека ќе примат вакцина. Во САД овој број е 75 отсто, додека уделот на луѓето кои би примиле вакцина во Европа е помал. Во Германија е 68 отсто, во Шведска е 65 проценти, додека во Франција и Полска е по 56 проценти. 

-Скпетицизмот го објаснува проблемот со вакцинацијата во Европа. Десеттина земји, вклучувајќи ги Франција и Германија, ја запреа употребата на една од првите вакцини на континентот, на АстраЗенека, заради наводни проблеми со згрутчување на крвта. Но доказите дека вакцината предизвикува згрутчување се мошне слаби, и главниот европски регулатор потврди дека корисноста од оваа вакцина ги надминува сите ризици 

Васникот заклучува дека САД летоска се бореа можеби најповеќе од секој замја да го запрат Ковид-19, но по сѐ изгледа, Европа сега е во многу полоша ситуација.