Вакцината на „Модерна“ ќе обезбеди заштита до две години

Вакцината на „Модерна“ најверојатно ќе може да обезбеди заштита до две години, изјави денеска Стефан Бансел, извршен директор на таа фармацевтска компанија од Кембриџ, во американската држава Масачусетс.

Американската компанија, која минатата година го изненади светот правејќи вакцина за само неколку недели, вчера доби дозвола за употреба во Европската унија од европското регулаторно тело.

– Кошмарното сценарио што се провлекуваше низ медиумите пролетта беше дека вакцината ќе трае само еден месец или два. Мислам дека сега тоа не е доведено во прашање. Падот на антителата оди многу бавно по примањето на вакцината. Веруваме дека заштитата ќе трае најмалку две години –  рече Бансел.

Тој додаде дека неговата компанија ќе докаже дека вакцината ќе биде подеднакво ефикасна и против јужноафриканските и англиските видови, со што се согласуваат и независните научници.