Вакцината на „Novavax“ против коронавирусот ефикасна 89 отсто

Клиничките испитувања на експерименталната вакцина која ја произвела американската фармацевтска компанија „Novavax“ покажале ефикасност во заштита од коронавирусот во 89 отсто случаи, но била помалку ефикасна во превенција од новиот сој на вирусот кој првпат беше откриен во Јужноафриканската Република.

Од „Novavax“, американската компанија за развој на вакцини, соопштија дека резултатот од испитувањата во третата фаза, во кој биле вклучени повеќе од 15.000 лица во Велика Британија, покажал висока ефикасност од 89 отсто во спречување на развој на болеста Covid-19, како и новиот агресивен сој на коронавирусот SARS-CoV-2 кој кон средината на ланскиот декември беше идентификуван во Велика Британија.

Меѓутоа, второто испитување од фазата 2b, спроведено на повеќе од 4.400 лица во Јужноафриканската Република, покажало помала ефикасност со 50 отсто во успешноста во превенцијата од Covid-19. Но кога биле анализирани податоците сао за ХИВ негативните лица, стапката на ефикасноста скокнала на 60 отсто.

Во јужноафриканскиот случај повеќе од 90 отсто од веќе анализираните случаи на Covid-19 се припишани на јужноафриканскиот сој на коронавирусот.

Информацијата за резултатите од испитувањето на ефикасноста на препаратот на „Novavax“ врз коронавирусот и новопојавените негови соеви дојде само неколку часа откако здравствените власти на САД известија за својот прв идентификуван  случај на јужноафриканската варијанта на SARS-CoV-2.