Вакцината на „Pfizer/BioNTech“ поскапува за 50 отсто од првичната цена

Следната генерација вакцини на американско-германскиот тандем „Pfizer/BioNTech“  против новите соеви на коронавирусот, кои децата ќе можат да ги примаат, чини 23,20 евра, двојно повеќе од оригиналните дози на таа вакцина, кои чинат 12 евра. Европската комисија се согласува да купи 900 милиони дози од таа вакцина, која треба да започне да се користи во декември, и сметаат дека зголемувањето на цената е оправдано. Нацрт-договорот ќе им биде претставен на земјите-членки во наредните денови.

Ова не е првпат да се реагира на зголемувањето на цената на вакцината „Pfizer/BioNTech“, која е профилирана како вакцина од прв избор, пред се поради сигурноста во испораките. Вакцината првично чинеше 12 евра, потоа 15,50 евра, а потоа во април бугарскиот премиер Бојко Борисов откри дека Европската комисија потпишува договори по цена од 19,5 евра.

Најновата цена на вакцината протече кога германскиот весник Die Welt дошол во посед на писмо од германското Министерство за финансии до буџетскиот комитет на Бундестагот. Во него се наведува дека Германија ќе плати 3,83 милијарди евра за пропорционално учество од 165 милиони од вкупниот број на дози на ЕУ, што дава износ од 23,20 евра по доза.

Се разговара за третиот договор на Европската комисија за набавка на вакцината „Pfizer/BioNTech“, се додава во писмото. Испораката на 900 милиони дози во дел од ЕУ од декември оваа година до 2023 година треба да „обезбеди соодветни количини на вакцини за следната година“, и „исто така ќе вклучува адаптирана вакцина против варијанти на вируси и вакцина за деца“.

Од Европската комисија не сакале официјално да ја потврдат новата цена, но неофицијално се дознава дека ја сметаат за оправдана. Новиот договор поставува построги услови, производителот мора да се посвети на прилагодување на вакцината на мутации и да испорачува одредена сума секој месец, а не како претходно, квартално.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.