Вакцината во САД против ковид-19 со првични позитивни резултати на тестирањето

Вакцината против коронавирусот, која ја развива американската фирма „Модерна“, во соработка со Националниот институт за алергија и заразни болести, дала првични позитивни резултати на тестирањето.

Првичните сигнали се дека вакцината може да го зајакне имунолошкиот систем на луѓето, односно дека создава антитела кои можат да го неутрализираат вирусот, јавува Би-би-си.

Вакцината што ја развива оваа компанија е наречена „mRNA-1273“.

Сепак, овие антитела биле пронајдени кај осум од вкупно 45 лица кај кои била тестирана вакцината.

Испитувањата покажале дека антителата кои се развиваат од вакцината се слични на реакциите на имунолошкиот систем кај луѓето кои се заразиле и со ковид-19 и создале антитела.

Ваквите резултати се добиени во првата фаза од тестирањето во која волонтерите примале мала, средна или висока доза. Како што соопштиле од „Модерна“, дури и оние што примале најниска доза развиле антитела на исто ниво како и пациентите што се излечиле од новиот коронавирус. Оние што примиле висока доза од вакцината, пак, имале несакани ефекти.

Во оваа прва фаза, целта на испитувањето на вакцината е да покаже дали таа е безбедна, а следната фаза е да се види дали е ефикасна. За тоа ќе биде потребно таа да се тестира на поголем број волонтери. Според очекувањата на компанијата, тоа би можело да започне во јули, а се истражува и како да се произведува вакцината во поголем обем.

Како што пишува Би-би-си, испитувањето на вакцината кај глувци покажало дека може да го спречи вирусот да се реплицира во нивните бели дробови.

Медицинскиот директор на компанијата „Модерна“, Тал Закс, во изјава за Си-ен-ен, пак, вели дека ако испитувањето на вакцината оди добро, таа би може да биде достапна уште во јануари 2021, односно помеѓу јануари и јуни следната година.

„Ова е апсолутно добра вест која ја очекувавме подолго време“, рекол Закс.

Сепак, во оваа фаза од испитувањето не може да се тврди дека вакцината создава имунитет на организмот, односно дека го штити да не се зарази од коронавирусот.

„Тоа е добро прашање, а вистината е дека сè уште не го знаеме одговор. Мора да спроведеме формални испитувања за ефикасноста во кои ќе се вакцинираат многу луѓе, а потоа ќе ги набљудуваме неколку месеци за да се осигураме дека нема да се разболат“, вели закс за Си-ен-ен.

На пронаоѓање вакцина против ковид-19 во моментов во светот работат околу 80 тимови.

Седиштето на „Модерна“ е во Кембриџ, Масачусетс, и тие се една од осумте тимови кои почнаа клинички испитувања на вакцината врз луѓето. Според Светската здравствена организација, уште две други вакцини се тестираат врз луѓето во САД, четири во Кина, а една на Универзитетот „Оксфорд“ во Велика Британија.

Од испитувањата на „Оксфорд“, пишува Би-би-си, сè уште нема резултати од влијанието кај луѓето. Но, загриженоста за оваа вакцина се зголемени поради резултатите од тестирањето врз мајмуните. Тие покажале дека симптомите кај тестираните животни се помалку сериозни и дека тие не фатиле пневмонија, меѓутоа вакцинираните не се целосно заштитени од вирусот.

Професорка од Универзитетот во Единбург, Еленор Рајли, коментирајќи ги овие резултати, вели дека ако се добијат слични резултати и кај луѓето тогаш вакцината на „Оксфорд“ би обезбедила делумна заштита, но тешко дека ќе го намали пренесувањето на вирусот во заедницата.

Сепак, се нагласува дека не се знае како вакцината ќе дејствува кај луѓето.