Вакцинираните сертификатот ќе го земаат од кај матичните лекари

Сите граѓани кои ги примиле двете дози од вакцината против ковид-19 можат да го земат сертификатот за вакцинација од кај матичниот лекар и тој е бесплатен, појасни Министерството за здравство откако во јавноста се отвори двоумење дали сертификатот може да се земе на вакциналните пунктови или кај матичниот лекар.

На некои од вакцинираните лица им било кажано дека сертификатот може да го подигнат на вакциналните пунктови, додека на други да го земат од кај матичниот лекар. Поради тоа побаравме одговор од Министерството за здравство од каде рекоа дека сите заинтересирани граѓани кои се вакцинирани и сакаат да подигнат сертификат за вакцинација дека тоа може да го сторат кај матичниот лекар и дека сертификатот е бесплатен.

– Сертификат за извршена вакцинација може да се добие на претходно барање од страна на граѓанинот, преку матичен лекар. Потврдата со QR code е изготвена на македонски и англиски јазик. Сертификат ќе добијат сите граѓани кои примиле вакцина со ревакцина и имаат потреба од сертификат. Toj може да се добие и како потврда, и во електронска форма, по барање на граѓанинот – ни одговорија од Министерството за здравство.

Оттаму ни посочија дека насоките за изработка на овој сертификат се од „Europe Health Network“ на Европската комисија.

– Според насоките за изработка, предвиден е дата сет на податоци кои ги содржи кодот односно тој сертификат, а тоа се име и презиме, датум на вакцина и ревакцина, тип на вакцина. На сертификатот има дигитален печат од Министерството за здравство. Сертификатот го прилагодуваме по препораките на ЕУ, за непречено патување на нашите граѓани – велат од Министерството за здравство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.