Вакцинираните со две дози против Ковид-19 ќе добијат сертификат за патување

Иако процесот на вакцинирање не се одвива според предвидената динамика, земја е на чекор до т.н. зелен пасош за имунизација. Министерството за здравство подготвува сертификати за граѓаните кои ќе добијат по две дози  од некоја од вакцините за слободно да патуваат кон државите кои забранија влез на граѓани на С. Македонија. Сертификатот ќе важи и за патување во Грција. За истата цел ќе остане и потврдата за негативен ПЦР тест.

Но, таканаречениот пасош за имунизација не доби зелено светло од земјите на ЕУ или Светската здравствена организација. Дилемите лежат во долговечноста на дејството на вакцината бидејќи не се знае дали населението во светот ќе треба да се вакцинира секоја година или само еднаш додека не се постигне колективен имунитет.

Според грчките власти, границата со Македонија ќе се отвори на 14 мај. Но, спротивно на тоа, за првпат во пандемијата, Албанија воведе двонеделен карантин за сите кои влегуваат од Македонија. Се очекува оваа одлука да биде разгледана по празниците или барем да се влегува со негативен ПЦР тест.