Валас: Путин е во кафез кој самиот го изгради

Британскиот министер за одбрана Бен Валас во интервју за Скај Њуз ја коментираше војната во Украина при што рече дека рускиот претседател Владимир Путин „повеќе не е онаква сила каква што бил“.

-Тој сега е човек во кафез што самиот го изгради. Неговата армија е исцрпена, тој претрпе значителни загуби. Угледот на големата руска армија е уништен, рече Валас.

-Не само што мора да живее со последиците од она што и го прави на Украина, туку мора да живее и со она што и го направи на сопствената армија, рече Валас, додавајќи дека се чини оти руската војска се прегрупира и се фокусира на источна и јужна Украина.

-Го видовме тоа и претходно. Секогаш завршува уште полошо. Одат на уште повеќе напади врз цивили и цивилни области, рече британскиот министер.

Тој додаде дека се договорил со меѓународните сојузници да испрати повеќе воена опрема и оружје во Украина, вклучувајќи оклопни возила, артилерија со долг дострел и муниција.