Валас си оди од должноста министер за одбрана во следната реконструкција на британската влада

Британскиот министер за одбрана Бен Валас заминува од должноста во следната реконструкција на владата којашто се очекува во септември, објави во саботата весникот The Sunday Times кој водел разговор со него.

„Решив да заминам од владата при следната реконструкција“, го цитира весникот Валас кој во доверба рекол дека „нема да се кандидира“ на следните парламентарни избори коишто треба да се одржат до крајот на годината.

Педесет итригодишниот Бен Валас ја имаше една од водечките улоги во испраќањето голема западна воена помош за Украина од почетокот на руската инвазија во февраури 2022 година. Како кандидат за должноста генерален секретар на НАТО не ја доби поддршката од САД, па на Норвежанецот Јенс Столтенберг уште еднаш му беше продолжен мандатот, за една година.

Валас во разговорот додава дека одлуката не ја донел затоа што смета дека неговите владејачки конзервативци ќе бидат поразени од лабуристите коишто многу добро стојат во анкетите, туку затоа што неговата изборна единица, на северозападот од Англија, ќе биде укината по прекројувањето на изборните единици.

Валас, кој веќе 18 години е пратеник во британскиот парламент, најдолго ја извршуваше должноста министер за одбрана по Винстон Черчил, а ја презема во 2019 година откако беше министер за јавна безбедност во владата на Тереза Меј. Исто така, беше единствениот министер задолжен за важен портфељ кој остана на должноста во последните три влади на конзервативците: на Борис Џонсон, во најкраткотрајната влада на Лиз Трас и во сегашната на Риши Сунак.

„Светот до крајот на деценијата ќе биде многу понесигурен. Мислам дека ќе се најдеме во војна. Без оглед на тоа дали станува збор за студена или директна војна, мислам дека ќе бидеме во тешка ситуација“, вели Валас за The Sunday Times.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.