Валенсија ќе ги проверува отпадните води за траги од коронавирусот

Валенсија ќе биде првиот град во Шпанија кој ќе започне со проверка на отпадните води за траги од новиот коронавирус, што ќе помогне да се идентификуваат подрачјата кои се најпогодени од инфекцијата и да се предвидат нови епидемии 15 дена пред да се појават.

Како што објави весникот El Mundo, канализацискиот систем може да помегне да се изработи прецизна мапа на областите во кои има најголем број заразени со коронавирусот. Проучувањето на овие примероци и податоци, кои може да содржат генетски траги на коронавирусот, може да биде ефикасно за откривање на епидемијата во раната фаза, а исто така може да биде корисна алатка за олабавувањето на строгите рестриктивни мерки.

На почетокот од мај беше објавено дека швајцарски научници успеале да го открија новиот коронавирус дури и во мали концентрации во отпадните води, што може да претставува нов начин за рано предупредување на нови жаришта на заразата во моментот кога низ светот се укинуваат рестриктивните мерки донесени за спречување на ширењето пандемијата на коронавирусот. Доколку со методот се покаже делотворно земањето примероци од отпадните канализациски води, тоа би му овозможило на системот на јавното здравство рано детектирање на повторното избувнување на едидемија од коронавирусот, дури повеќе од седум дена порано отколку што тоа би можело да го покажат дијагностичките тестови, оценуваат научниците.

Сега шпанска Валенсија ќе стане првиот град во кој ваквата проверка ќе се одвива постојано во текот на следните неколку месеци. Тоа е овозможено по потпишувањето на договорот меѓу локалните власти, Вишиот совет за научни истражувања на Шпанија (CSIC) и локалниот оператор за снабдување со вода „Global Omnium“, кој опслужува повеќе од 5,5 милиони население во над 300 шпански градови.

Според весникот, до крајот на 2020 година неколку пункта во Валенсија и прочистителната станица ќе бидат проверувани трипати седмично за траги од РНК на коронавирусот, за да се дознае во кој обем се појавуваат и како еволуираат. Истражувањето ќе го изведува лабораторијата на компанијата „Global Omnium Gamaser“, којашто веќе три години соработува со CSIC во проблематиката на откривање инфекции, како што е хепатитот на пример, како во отпадните води, така и во регенерираната вода. За тоа ќе се користи специјалниот уред наречен „SARS-GOAnalytics“, кој има систем за рано предупредување кои овозможува моментално препознавање на податоците.

Овој метод, исто така, овозможува да се одреди времето кога вирусот запиочнал да циркулира низ одводните канали.

„Во примероците земени од конкретен пункт во јануари, показателот беше нула, на 11-ти март (три дена пред прогласувањето на вонредната состојба во земјата) имаше 700.000 геномски единици, а на 26-ти март на истото место беа откриени 3,5 милиони единици“, вели за весникот Еухенио Калабуиг, извршен директор на „Global Omnium“.

Шпанскиот министер за наука, Педро Дуке, го опиша овој метод како „иновативен“. Како што се забележува во прилогот, главната цел е да се распространи употребата на овој метод и на другите големи градови. Според податоците на „Global Omnium“, во моментов постојат можности овој метод да го применат во 50 градови, а во текот на две седмици бројката може да се зголеми на 300.

„Можеме дури и секојдневно да ги известуваме хотелите дали заразени лица се сместени кај нив, дури и доколку немаат симптоми“, вели Калабуиг.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.