Валентино Роси и понатаму бара правда – овој пат во Лозана

Валентино Роси не се откажува - правда ќе бара во Лозана

“Докторот” Роси објави дека сигурно ќе се натпреварува во Валенсија, но исто така и ќе стори се за казната поради инцидентот со Маркез да му биде избришана, за да избегне старт од последното место во последната трка од шампионатот.

Тој е цврсто уверен дека не заслужил таква казна, па Роси сега е подготвен да го пренесе случајот и пред Спортскиот суд во Лозана.

Иако за жалбата на Италијанецот се уште не е одлучено од страна на одговорните во Мото ГП, тој е свесен дека нема премногу време со оглед на фактот дека трката во Валенсија ќе се вози следниот викенд. Како што пренесува “Газета дело спорт”, токму затоа Роси ќе поднесе жалба до Спортскиот суд без да го чека исходот на случајот, со надеж дека во Швајцарија ќе ја добие најважната битка.

Тој ќе бара целосно укинување на казната, што би му овозможило да ја стартува трката од она место за кое ќе се избори во квалификациите.

Само за потсетување, Валентино Роси има предност од седум бода во однос на Лоренцо во генералниот пласман и со евентуално второ место во Валенсија би бил шампион, дури и доколку Лоренцо победи во последната трка од сезоната.