Ова нешто што се случи со Македонија во последните седум години никој не знае како да го нарече. Деспотизам? Мек државен удар? Хибриден режим? Политички абсурд? Се обидувам да најдам зборови за седумгодишното владеење на Заев и неговите „држалотворни“. И, само еден збор има моќ да го опише овој срамен период на нашата историја. Предавство. Предавство на нашата нација. Сега кога гледаме како изгледа крајот на социјалдемократите и пустошот што го оставија зад себе јасен е обемот на кршење на суверената волја на македонскиот народ. Во Македонија се случи предавство, предавство на националните интереси, а рацете на политичарите што го направија тоа се сериозно извалкани. Може да ги браниме политичарите дека кога се соочуваат со вонредна ситуација, честопати се принудени да го жртвуваат своето јадро морални принципи со цел подобро да му служат на непосредниот јавен интерес. Ова е вообичаено опишана како дилема на валкани раце. Зашто приватниот морал и политички морал често ги наоѓаме во спротиставени табори. Но, ова што и го направија овие политичари на државата и македонскиот народ не може со ништо да се оправда, најмалку дека делувале во јавен интерес. Со неморални средства не може да постигнеш морална цел, како што замислуваа Заев и Димитров.
Она што дополнително секогаш одново и одново ме изненадува во контекст на нивното предавство на националните интереси е интелектуалната фригидност и моралното пропаѓање на поддржувачите и следбеници на овие политичари кои успеваа(т) да го рационализираат нивното предавничко политичко однесување, одбегнувајќи го конфликтот меѓу моралот и политичките барања, бидејќи тој ги исклучува утилитарните размислувања од границите на моралот и ги поистоветува со политичката неопходност. Продажбата на името, историјата, културата и јазикот на македонскиот народ доволно зборува за широчината на моќта на групната идентификација и меѓугрупните емоции во обликувањето на моралното расудување, нагласувајќи колку длабоко вкоренетата партиска лојалност може да ги надмине индивидуалните морални убедувања. Однесувањето на претходната власт, во контекст на националните интереси, идентификуваше јасен и конзистентен сигнал: виткање на моралните стандарди во политичкото пазарење до ниво на национално предавство.
Со години се обидуваат да ми наметнат свест дека граѓаните имаат подеднакво извалкани раце во контекст на промената на името и договорот за добрососедство со Бугарија. Ваквата морална поделба на одговорноста за извалканите раце не може да биде прифатлива во случајот на предавството на националните интереси што ја направи претходната политичка гарнитура, затоа што таа никогаш не беше вистински репрезент на волјата на македонскиот народ, па нивната валкана работа не може да биде и наша. Но, она што е евидентно во фрагментираната природа на македонскиот политички живот е немањето единствени споделени суштински вредности и принципи што значи дека членовите на таквото општество нема универзално да се согласат дека овие политичари се виновни, укажувајќи на дополнителна сложеност што се јавува кога треба да ги принудиме политичарите со валкани раце да ја платат цената за нивните погрешни постапки..
Можеби ќе прифатам дека политичкиот живот има одредени карактеристики што ја прават проблематична осудата на оние кои водат политички живот според истите етички стандарди што ги користиме за да му судиме на секој обичен граѓанин. Но, не можам да го прифатам она што го направија Заев, Никола Димитров и нивната политичка гарнитура, зашто во нивното политичко делување имаше се’, но немаше ни грам морал. Валцер во неговиот есеј „Политичка акција: проблемот на валкани раце“ смета дека ваков тип политичари мора да ја платат цената за нивното неморално постапување, доколку сакаат нивните раце повторно да станат чисти. Денис Томпсон не се согласува со Валцер, тврдејќи дека нивото на „чистота“ зависи од тоа дали политичарите ќе добијат согласност од јавноста за нивните постапки; има повеќе нечистотија и акцијата е понеетичка ако лидерот нема јавно одобрение. Токму такво одобрение не доби од народот ниту Заев ниту Димитров да го менуваат името на државата и да се пазарат за историјата, културата и јазикот со Бугарија. Затоа рацете на овие политичари никако и никогаш не можат да бидат чисти, без оглед на цената која ќе ја платат за својата акција. Секако, доколку некогаш ја платат. Без наплата на цената за националното предавство прифаќаме дека овие политичари си ги извалкале рацете во наш интерес, со што не прават соучесници во нивното неморално дело, поради што не можеме да ги казниме без да си ги извалкаме сопствените раце – за што треба самите да ја платиме цената. Затоа време е да почнема да размислуваме за наплата, зашто во контекст на овие политичари нема морален конфликт и дилема што казната ги создава кога треба да се оправда казнувањето на оние што згрешиле за да постапат правилно – зашто во нивниот случај постапиле срамно и неетички. Без ваква наплата нема да го прочистиме општеството од злото што му го нанесоа и ќе продолжиме да живееме во морално загадена Македонија од нивните политички акции. Во такво општество јас не сакам и не можам да живеам. А, вие?
Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес