Ван де Бек потпиша за Манчестер Јунајтед

Холандскиот фудбалски репрезентатовец Дони ван де Бек го напушти редовите на холандски Ајакс и кариерата ќе ја продолжи во англискиот великан Манчестер Јунајтед, објави во средата клубот од „Олд Трафорд“.

Двесет и тригодишниот Халанѓанец за манчестерските „Црвени ѓаволи“ потпишал договор на пет години, а според островските медиуми трансферот изнесува 39 милиони евра, со пет милион евра бонуси.

„Подготвен сум за нов предизвик во кариерата, а нема поголем стандард од Манчестер Јунајтед. Сите ми раскажуваа колку е прекрасна атмосферата на ‘Олд Трафорд’ и одвај чекам тоа да го доживеам“, порача ван ден Бек.

Играчот за врска во Англија ќе допатуива откако ќе ги одработи обврските кон селекцијата на Холандија и натпреварите со Полска и Италија, на 4-ти и 7-ми септември во Лигата на нациите.

Ван де Бек е производ на славната фудбалска школа Ајакс, а во петте сезони минати во првиот тим на „Копјаниците“ впиша 175 настапи, 41 погодок и 35 асистенции. За холандската репрезенатација, пак, впиша десет настапи.

„Дони ги има сите технички атрибути потребни за нашата екипа. Неговата способност да го види просторот, времето, движењата и да ја прочита играта, навистина ќе ги надополни квалитетите кои ги имаме во средниот ред“, изјави менаџерот на Јунајтед, Оле Гунар Сколскјер.