Ванковска: Политичко дезертерство на опозицијата

„Нашите опозиционери дезертираа, и тоа нечесно: откако прво го наметнаа она понижувачко обележување на палците, откако водеа кампања и повикаа на масовен одѕив, по што значителен дел од електоратот (вклучувајќи ги и неопределените) им даде доверба, тие на крајот почнаа да се жалат дека немале фер услови за борба. А што очекуваа од „режим. Една позната дефиниција за демократијата гласи: тоа е систем во кој политичките партии губат на избори. Ама СДСМ не стигнало до таа лекција. На крајот, 33 пратеници со чист мандат од граѓаните најбезобразно го вратија назад и оставија речиси 300.000 граѓани без политичко претставништво во наредниот период. Притоа не поднесоа ниту еден приговор до ДИК за нерегуларности на изборниот процес, па така заедно со водата го исфрлија и бебето. Зарем тоа не е дезертирање, особено кога Заев вели дека сега ќе правеле „стратегија“ за вонпарламентарно дејствување? Од она што го навестуваат оттаму излегува дека воопшто немале план Б пред да влезат во изборите, освен ако не очекувале да ги спаси американската коњица “?,“ пишува професорката Билјана Ванковска во нејзината најнова колумна.

Понатаму таа се осврнува на изборите и резултатите за Европскиот парламент и ги поврзува со изборите тука.

„Точно е дека неонацистите во земјите на ЕУ имаа регуларни избори и ферплеј (дури и повеќе од тоа што можеме да го прифатиме, бидејќи ние паѓаме во „несвест“ од изјави на Груевски и на Ахмети, кои се мачкина кашлица во однос на тамошниот вокабулар). Точно е дека овде изборите беа „ефикасни“ и изостанаа квалификациите за фер и демократски,“ вели Ванковска.

Според нејзе, темни облаци (и буквално и метафорички) надвиснале над Македонија.

„Тешко е да се најде светол пример, но опозициската „дезертерка“ Роза Топузова Каревска е блиску до таа квалификација. За секоја почит е нејзината одлука да не ја послуша партиската директива на оние што се покажаа како најголеми и колективни дезертери од политичката битка. Кога опозицијата влезе во изборен процес, таа знаеше дека пред себе има „режим“, како што милува да зборува за власта на Груевски и на Ахмети (тогаш кога не ги обвинува за фашизам). Наместо на чело на колоната да застане лидерот заедно со првите луѓе во партијата, како што и прилега, тој одлучи да биде „заднинец“. Демек, се чувал за премиер! А партиските челници за министри… Тука некој лаже(ше), се разбира. Или мислеше дека таква финта може да мине кај јавноста,“ потенцира Ванковска.

Политички информираната јавност, објаснува професорката, добро знае дека секој политичар добива легитимитет поминувајќи го тестот кај електоратот, а таквата легитимација само може да му олесни (идно) водење на владата или учество во неа. Но, како што вели, војсководците останаа во заднина или само беа припомош на кандидатите, додека во првите редови исфрлија неискусни војници.

„Опозициската елита (на чело со Ружин, кој е последниот што има морално право да зборува за нечија „слабост и непринципиелност“) ја напаѓа единствената пратеничка што постапи според својата совест, но и според принципите на претставничката демократија. Нејзината партија жали што статутот не дозволува исклучување од членство (а нема ни да може да ѝ одземе легитимен мандат како што тоа своевремено го направи казнувајќи ја Лиле Поповска за мислење со своја, а не со партиска глава). Се разбира, очите на јавноста ќе бидат свртени (и) кон Топузова Каревска. Таа ќе биде изложена на јавна контрола, додека нејзините сопартијци, и генерално опозицијата, откако капитулира сонува за одење во партизани, од каде што ќе ги гради институциите. Во „нивната“ (паралелна) Македонија ќе прават парламент и влада во сенка, а и со некои други изуми ќе ја „збогатуваат“ демократската практика. Прочитав добар афоризам: „Власт, седни, единица! Опозиција – нула!“,“ заклучува Ванковска.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.