ВАР-от поништи два гола на Перу во ремито против Венецуела

88
(AP Photo/Andre Penner)

Фудбалските селекции на Венецуела и Перу ремизираа во саботата со резултат 0:0 во натпреварот одигран во Порто Алегре во рамките на Групата А од јужноамериканскиот шампионат Копа Америка, кој се одржува во Бразил.

Фудбалерите на Перу доминираа и имаа повеќе шанси за постигнување погодок, но не профитираа од тоа пред малубројната публика на „Арена Гремио“. Покрај тоа, Венецуела последните петнаесетина минути ги играше со играч помалку, откако поради два жолти картона беше исклучен дефанзивецот Луис дел Пињо Маго.

Дури два гола ѝ беа поништени на селекцијата на Перу. Во првото полувреме стрелец беше Кристофер Гонзалес, а во второто Џеферсон Фарфан. И во двата случаи погодоците беа поништени поради офсајд досуден по прегледувањето на ВАР-от.

„Разочарани сме од резултатот, затоа што ја заслуживме победата. Имавме шанси, но направивме многу грешки пред противничкиот гол“, изјави веднаш по мечот напаѓачот на Перу, ветеранот Паоло Гереро.

Двете селекции сега се на делба на второто место во Групата А, два бода помалку зад домаќинот Бразил кој со 3:0 на отворањето во Сао Паоло ја совлада селекцијата на Боливија.

Во следната рунда од оваа група, во вторник Перу ќе се сретне со Боливија, додека Венецуела ќе се соочи со мотивираниот Бразил.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.