Вардар без калкулации влегува на дуелот со Монпелје

Тимот на Вардар во сабота против француски Монпелје ќе го одигра последниот натпревар во групата од Лигата на шампионите, а со победа „црвено-црните“ ќе имаат шанса да го освојат второто место, но тоа ќе зависи од резултатот на унгарскиот претставник Веспрем.

На денешната прес-конференција, од таборот на „вардарци“ порачаа дека одат на победа и не ги интересираат комбинации за можниот противник во следната фаза.

„Не очекува важен натпревар. Фокусирани сме на натпреварот. Со победа може да бидеме втори. Имаме проблеми со повредени. Пет-шест играчи се жалат на повреди, а како ќе изгледа составот ќе знам пред самиот натпревар“, истакна стратегот Роберто Парондо.

Тимур Дибиров рече дека Вардар секогаш во „Јане Сандански“ игра на победа.

„Играме дома. Вардар секогаш во Скопје оди на победа без оглед на противникот. Нема никакви калкулации, немаме посебни желби за кој тим д ани биде противник во следната фаза. Ние сакаме на секој натпревар да победиме со триумф да ја завршиме групната фаза. Второто место е подобро само во еден сегмент, вториот натпревар во четвртфиналето го играш дома. Според мене тоа не е многу важно и сметам дека ако сме комплетни имаме шанси да стигнеме далеку“, рече Дибиров.

Натпреварот се игра во сабота со почеток во 17:30 часот во СЦ „Јане Сандански“.