Вардар го збриша Брест Мешков

Вардар ја забележа првата победа во новата сезона од Лигата на Шампионите триумфирајќи на домашен терен над Мешков Брест со резултат 35-27. „Црвено-црните“ одиграа импресивно прво полувреме во кое стигнаа до одлична предност, што потоа знаеја како да ја задржат во вторите 30 минути. Извонредна партија прикажа Кевин Нијокас, кој се докажува како повеќе од добра замена за Едуардо Гурбиндо.

Десниот бек Моралес беше главно оружје на почетокот постигнувајќи три гола за рано водство. Беспрекорно функционираше одбраната, па Вардар набрзина поведе со 6-2. Гостинскиот тренер побара тајмаут при 7-3, набрзина намали на 7-5, но тоа беше се што белорускиот состав успеа да стори на оваа средба. Вардар одигра супериорно во завршните десетина минути од првото полувреме, кога по исклучувањето на Врањеш „црвено-црните“ постигнаа два гола во празна мрежа (Гаџа и Дибиров), за водство од најубедливи 15-10.

Гостите ги загубија нервите, продолжија со грешките, а особено бесен беше Шумак, кој доби и ново исклучување поради протестите по еден досуден пенал за „вардарци“. Избраниците на Вујовиќ го искористија тоа за на одмор да заминат со убедливи 19-13, на огромно задоволство на навивачите кои по подолго време можеа да проследат во живо меч од Лигата на Шампионите во СЦ „Јане Сандански“.

„Црвено-црните“ го контролираа темпото на почетокот од второто полувреме (22-15), но потоа дојде до опуштање и два нереализирани напади со играч повеќе на теренот. Брест возврати, а „вардарци“ набрзина заработија две исклучувања и гостите намалија на 22-18. Следеше нова грешка и загубена топка на Гаџа, по што Скубе биеше во празната мрежа. Серијата на Брест Мешков ја прекина капитенот Стоилов, а веднаш потоа на спротивнта страна повторно блесна Мартин Томовски, бранејќи му зицер на крилото Ваилупау.

Гостите не се откажаа, па на половина од второто полувреме намалија на 26-23, принудувајќи го Веселин Вујовиќ да побара тајмаут во обид да ја консолидира играта на Вардар. Експериментот со Дибиров како среден бек не се покажа најдобра опција, но за среќа Јуринок промаши зицер на спротивната страна. Гаџа конечно се разбуди со гол и асистенција, па Вардар влезе во завршните десет минути со предност од 29-24. „Црвено-црната рапсодија“ продолжи со ново ремек дело на Кевин Нијокас, по што гостинскиот стручњак побара тајмаут при водство на „вардарци“ од 30-24. Остатокот од мечот беше само рутина за избраниците на Вујовиќ, кои знаеја како да ја задржат удобната предност, се до конечните 35-27, што ги постави голманот на Вардар, Али Сафар, со гол од сопствениот голмански простор.

Кевин Нијокас беше главна фигура на овој меч со осум гола од исто толку обиди, по пет погодоци постигнаа Моралес и Дибиров, а четири пати прецизен беше Гаџа.

Македонскиот првак во наредното коло на домашен терен ќе го пречека европскиот вицешампион Алборг, меч закажан за 29 септември.