Вардар и Алкалоид со стартни победи во новата сезона

Македонскиот ракометен шампион екипата на Вардар победи во новата сезона и тоа кај истоимениот ривал од Неготино, со убедливи 13 разлика.

Иста беше резултатската дистанца и во Прилеп, каде што Алкалоид се израдува на првата суперлигашка победа.

Вардар победи во Неготино со 38-25, во натпревар кој имаше познат епилог уште пред да почне. Црвено-црните отворија со 6-1, но следуваше најдобриот период на неготинци, па до 20. минута дојдоа на 9-12. Сепак, не можеа да држат чекор со фаворитот, па на пауза беше 21-13 за скопскиот тим. Моралес беше најефикасен со седум гола, Манасков постигна пет, а по толку имаа и Кочаров и Ташев кај Вардар Неготино.

Со идентична разлика славеше и Алкалоид на своето деби во Суперлигата, на гости кај Прилеп. На оваа средба првото полувреме беше нешто порамноправно, но сепак Алкалоид водеше постојано, правејќи да му одговара брзото темпо, со многу голови. На пауза беше 22-17 за тимот предводен од Кире Лазаров, а повисокиот квалитет кај него се виде во вториот дел, кога прилепчани „паднаа“, а Алкалоид продолжи да ја полни нивната мрежа. Серафимов постигна осум гола кај победниците, Шкокоски имаше исто толку кај поразените.