Вардар и Елверум одиграа со нерешено

Во еден неизвесен натпревар, Вардар и Елверум одиграа со нерешен резултат на стартот од новата сезона во Лигата на Шампионите.

Домашната екипа подобро го отвори натпреварот, со два гола во серија, додека црвено-црните промашија дури три зицери на стартот од натпреварот, еден беше на Диало и два на Тото, за првиот гол да го постигнеме после 6 минути игра преку Гаџа. Како одминуваше првото полувреме го фативме потребниот ритам на игра. На голот одличен беше Мартин Томовски кој во во првиот дел имаше 8 одбрани, од кои половина беа сигурно зицер удари на противникот. За прва предност се погрижи Анте Гаџа во 11 минута кога резултатот гласеше 3:4. Влеговме во период од седум минути кога се играше гол за гол на двете страни. Деби во дресот на Вардар имаа браќата Њокас, од кои едниот посебно се истакна во првото полувреме. Некаде на средина на од првиот дел Кевин Њокас доби шанса од Вујовиќ да игра во двата правци. Францускиот интернационалец имаше дури пет асистенции, како и три гола во првите 30 минути од натпреварот, па во 24 минута токму со неговиот погодок имавме и највисоки 8-12 предност. Сепак дозволивме за кратко време да се распадне целосно ова водство. Елверум влезе во серија на погодоци, ние до крајот успеавме да постигнеме само еден, наспроти пет гола на противникот, па така на полувреме се замина со резултат 13:13. Штета, што не бевме во позитива во овој дел од мечот.

Лош старт на вториот дел за Вардар, домашниот тим влезе во серија од три погодоци и поведе со 16:13. По пет минути игра го пронаоѓаме патот до мрежата, со голот на Мораес го намалуваме резултатот. Томовски стигна до двоцифрен број на одбранети удари, додека Тото постигна гол за 16:15. Во вториот дел во ритам влезе и Оливие Њокас, кои заедно со Мораес го одржуваат нашиот напад, додека по 44 минути игра резултатот е израмнет на 20:20. Вардар успеа и да поведе, но домашниот тим ја врати предноста од еден гол разлика. Томовски во вистинско време се врати на голот и брани зицер на противникот, во моменти кога се одлучува победникот на натпреварот. Штета што не користиме, Оливие Њокас промаши зицер удар, а Елверум враќа во контра за водство од 27:25 на четири минути пред крајот. Вујовиќ побара тај-маут, па враќаме со головите на Мораес и Стоилов за 27:27. Вардар имаше напад за победа, но не успеа да реализира Гаџа, додека за Елверум останаа пет секунди во нападот, кои не успеаа да ги искористат. На крајот конечен резултат од 27:27.

Кај Вардар најефикасен беше Тото со 6, додека Мораес псотигна 5 голови.