Вардар лесно се справи со тимот на Кристијанштад

Вардар се надоврза на одличниот старт кај Монпелје со сигурна победа и во второто коло од ракометната Лига на шампионите. Дома против Кристијанштад славеше со 33-25, откако му даде извесен правец на мечот уште по десетина минути.

Почна со 6-0 во првите пет, а потоа ги држеше Швеѓаните на дистанца негувајќи го водството. Во 21. минута тоа првпат достигна десет разлика (15-5), а на паузата застана на 19-10. Во второто полувреме беше и плус 11 за црвено-црните, а Роберто Парондо континуирано ротираше и им даде шанса на сите ракометари од клупата. Голови постигнаа дури 11, а меѓу нив најефикасен беше Чупиќ со седум. Борозан додаде пет, а Милосављев повторно беше солиден со девет одбрани.

Следниот меч на Вардар е на 29 септември, на гости кај Веспрем, а дотогаш ќе остане прв, со четири бода, колку што има само уште Мешков Брест. Белорусите го победија Монпелје во ова второ коло со 26-23, Кјелце беше подобар од Рајн-Некар со 35-32, а Барселона од Веспрем со 31-28.