Спорт

Познати паровите за фајнал форот во Келн „Вардар“ на мегдан со „Монтпелје“

„Вардар“ на мегдан со „Монтпелје“

Македонскиот и европски шампион, „Вардар“ во полуфиналето на Лигата на шампионите ќе игра со „Монтпелје“, одлучи ждрепката за полуфиналните двојки на Ф4 турнирот на 27 и 28 мај во Келн.

Францускиот тим, „убиецот” на фаворитите, кој ги преживеа елиминациите, ги победи и „Барселона“ и „Флензбург“ и премиерно се најде на една завршница во Келн, сега ќе се обиде да му застане на патот на бранителот на титулата.

„Вардар“ со „Монтпелје“ се сретнале во групната фаза во сезоната 2014/2015, а на гости „црвено-црните” извлекле реми 34:34, додека пред домашната публика победија 30:26.
Од воведувањето на новиот систем во Лигата на шампионите, „Монпелје“ играше во „Ц“ и „Д“ групите, па поради тоа го избегна „Вардар“ во последните две сезони.

Немавме посебна желба за противник, бидејќи сите се силни и одиграа фантастично цела сезона. Тоа особено важи за во четвртфиналето, а треба да се каже дека Вардар го елиминираше Кил. Не победи со голема разлика, но се пласираше во Келн. Ние прво сакавме да се пласираме на завршниот турнир и сигурно дека сме задоволни. Имаме уште што да покажеме и сигурно дека сме среќни што ќе играме против Вардар“, изјави најискусните ракометари во составот на францускиот тим, Словенецот Вид Кавтичник.

Вардаровиот стратег Раул Гонзалез е свесен за силината на противникот со кој се соочуваат, но во негов стил Шпанецот е мирен и умерен.

Ќе биде тешко како и секој друг натпревар во Лигата на шампионите. Канаје има добар тим, кој одлично го компонира. Имаме цел месец до Келн, патуваме како шампиони и со ист став како лани- да уживаме, изјави Гонзалез.

Другата полуфинална двојка ја сочинуваат ланскиот финалист „ПСЖ“ и „Нант“ на Кирил Лазаров. Големите конкуренти во француското првенство, битката ќе ја пренесат и на европска сцена.

Натпреварот меѓу „Вардар“ и „Монпелје“ ќе се игра во „Ланксес Арена“ во Келн на 26 мај, а терминот ќе биде дополнително утврден. Во опција се два, 15.15 часот и 18.00 часот.