Вардар нерешно на стартот, минимална победа за Гостивар, Воска и Пелистер – убедливи! (ФОТО)

Најтрофејниот македонски клуб Вардар се лизна уште на стартот на втората полусезона во Втората лига со денешното реми 1-1 против Арсими, а директните конкуренти во трката за Првата лига, Гостивар, Воска Спорт и Пелистер победија во своите домашни мечеви на отворањето на „пролетната полуетапа“.

Арсими со една шанса успеа да му даде гол на Вардар и да го казни за промашениот пенал на Дарко Мицевски во 30-та минута, па Еди Абдија погоди во вардаровата мрежа, а колку и да доминираа црвено-црните и да направија низа шанси за пресврт, само една реализираа преку Дарио Десниќ во 71-та минута по центаршутот на Мицевски, но само за еден бод од овој меч и еден чекор наназад во битката за првите две места.

Гостивар кој останува непоразен, со гол на Ринор Ајдини минимално со 1-0 ја победи Локомотива, додека другите два конкуренти за домашната елита беа убедливи. Воска Спорт со 4-1 славеше во пресметката со струшки Караорман, додека Пелистер со 5-0 го здроби Кожув за стартни победи на екипите при самиот врв.

Голема победа во битка за опстанок забележа Тетекс кој со 2-0 го победи Охрид, а славеше и Беласица на домашен терен против Детонит Плачковица со 2-1.

Фото: Спортмедиа