Вардар поразен во Загреб но оди во полуфиналето на СЕХА лигата

Македонскиот ракометен првак Вардар иако загуби од ППД Загреб на гостински терен (25:22), патува на завршниот Ф4-турнир во СЕХА-лигата кој следната седмица ќе се игра во Задар.  Избраниците на Веселин Вујовиќ победија со четири гола во Скопје, а во хрватскиот главен град иако имаа добар резултат на десет минути пред крајот и беа во игра за победа, сепак, тимот драстично падна, Загреб го сврте мечот и беше неизвесно до последниот свиреж.

Дибиров со пет гола беше најефикасен во таборот на Вардар, четири постигна Тото, а одличен беше и голманот Томовски, со 12 успешни интервенции.

Покрај Вардар, учесници на фајналфор турнирот што ќе се одржи во Задар се и екипите на Веспрем, Мотор и Мешков Брест. Ривал на „Вардарци“ во полуфиналето закажано за 3 септември ќе биде белорускиот првак Мешков Брест, кој во четвртфиналето од СЕХА-лигата го елиминираше македонскиот вицешампион Еурофарм Пелистер.