Вардар порибен со ендемска пастрмка

Во организација на Град Скопје, Институтот за сточарство, Македонската риболовна федерација и Државниот инспекторат при Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство, денеска  во водите на реката Вардар беа пуштени 5.000 парчиња македонска ендемична пастрмка (Salmo macedonikus- Karaman, 1924).

Согласно со Меморандумот за разбирање помеѓу Град Скопје и ‘Македонската риболовна федерација’, а финансиски поддржан од ГЕФ (Глобален еколошки фонд), денеска извршивме порибување на водите на реката Вардар. Порибувањето се изврши со нови пет илјади парчиња ендемска пастрмка, а беа пуштени во водите на реката Вардар на потегот кај хотелот Александар Палас“,  рече раководителот на Одделението за туризам при Секторот за локален економски развој на Град Скопје, Димче Смилев.

Со порибувањето на македонската ендемична пастрмка -Salmo macedonikus Karaman, во водите на реката Вардар, заврши реализацијата на проектот, што траеше 3 години почнувајќи од 2010 година. Проектот се однесуваше на заштитата и реинтродукција на македонската пастрмка, 1924, во водите на Република Македонија, а со посебен акцент, во водите на езеро Матка и реките Треска и Вардар на територијата на градот Скопје.

„Денес порибувањето се изврши во присуство на претставници од  Македонска риболовна федерација и УКИМ-Институтот за сточарство, а Град Скопје, ќе ја продолжи соработката  со ГЕФ, реализирајќи уште еден проект во 2014 година односно поддршката за зачувување на уште еден друг ендемичен вид, а тоа е вретенарот  (Zingel balcanicus Karaman 1937) во водите на Р. Македонија, значаен од биолошки и од научен аспект, затоа што овој вид риба е карактеристичен само за нашата држава и го нема во водите на ниту една соседна земја“, истакна Васил Костов, директор на Институтот за сточарство.

Проектот за ех-situ заштита и реинтродукција на вретенарот (Zingel balcanicus Karaman 1937) во водите на Македонија, ќе се реализира на територија на државава, по течението на реката Треска, Македонски Брод, Кичево, Струга и Шум во времетраење од 13 месеци во период од први март до прв април следната годинаа. Вкупниот буџет на проектот е 47.062 долари од кои 22.103 долари се обезбедени од Програмата за мали грантови (ПМГ) на Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ), а преостанатите се учество на Македонската риболовна федерација, УКИМ Институтот за сточарство Скопје, Езеро Шум 2010 с. Шум, Струга и Градот Скопје.

Со спроведување на проектот ќе се заштити од исчезнување видот вретенар, а специфични цели на проектот би биле: да се зачува во контролирани услови, а потоа да се направи обид за негово вештачко мрестење. Доколку успее обидот тој да  се одржи жив, да добиеме потомство и да биде одгледан во контролирани услови, ќе може со сигурност да се смета дека е направен огромен исчекор во правец на негова заштита и опстанок. Во иднина произведениот и одгледан подмладок ќе може да се употреби за порибување и ќе се направи негова реинтродукција во водите од каде што е исчезнат.