Вардар потешко од очекуванто до победа против Алкалоид

Македонскиот првак Вардар на крилата на извонредниот репрезентативен голман Мартин Томовски, кој собра 15 интервенции и даде два гола, победнички го отвори струшкиот турнир, но со многу маки и проблеми за да го победи Алкалоид во ова прво коло со 24-22

Вардарци вечерва триумфираа само на искуство и благодарение на Томовски, зашто сѐ после 16-та минута од мечот беше мачење во нападите на црвено-црните, немаа никаква идеја во нападот, па жилавиот Алкалоид предводен од македонскиот селектор Кирил Лазаров од клупата ги искористи сите слабости за да ги измачи шампионите во овој прв меч на турнирот.

Вардар имаше плус пет (10-5) до средина од првиот дел, по што Вардар застана и до полувремето даде само два гола, но со предност од 12-10. Во вториот дел Алкалоид тргна со серија од 3-0 за прво водство, а после 40-та минута, црвено-црните го преземаа водството и најмногу што успеваа да избегаат е на плус три, а постојано разликата се движеше од гол до три гола предност. Во завршницата на две минути до крајот, Алкалоид имаше гол негатива, но избраниците на Лазаров имаа две шанси да дојдат до израмнување, меѓу кои и напад на 45 секунди пред крајот, но не ни шутнаа (двапати загубена топка), па црвено-црните во последниот напад со гол на Стојанче Стоилов стигнаа до тешката победа.

Благојче Трајковски со 14 интервенции беше брилјантен на голот на Алкалоид. Филип Талески со седум гола беше најефикасен на мечот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.